Условите се идеални за појава на нови варијанти на вирусот – предупредува СЗО

120

Генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус, рече дека би било опасно да се мисли дека високо заразниот сој омикрон ќе биде последен што ќе се појави во светот и дека ова е крајот на пандемијата.

Сепак, Тедрос додаде дека е можно оваа година да заврши акутната фаза на пандемијата, каде што ковидот претставува глобална здравствена закана, под услов стратегиите и „помагалата“ како тестовите и вакцините да се користат правилно, објави Ројтерс.

Говорејќи на отворањето на состанокот на извршното тело, Тедрос го привлече вниманието на фактот дека омикрон е откриен пред речиси 10 недели и дека од тогаш во светот се забележани 80 милиони случаи, повеќе отколку што беа во 2020 година.

„Условите се идеални за појава на уште соеви“, додаде тој.

Тедрос посочи дека можеме да ставиме крај на Ковид-19 како глобален здравствен итен случај и дека можеме да го направиме тоа оваа година со исполнување на целите како што е целта на СЗО да се вакцинираат 70 отсто од населението во сите земји до средината на оваа година, а особено оние кои се изложени на најголем ризик и ја подобруваат стапката на тестирање и секвенционирање со цел внимателно да го следат вирусот и неговите варијанти кои се појавуваат, објави АП.

„Точно е дека ќе живееме со Ковид 19 во догледна иднина и дека ќе треба да научиме да управуваме со него преку одржлив и интегриран систем за акутни респираторни заболувања за да помогнеме да се подготвиме за идни пандемии“, рече Тедрос.

„Но, да научиме да живееме со Ковид-19 не значи дека го оставаме овој вирус слободно да циркулира. Тоа не значи да прифатиме скоро 50.000 смртни случаи неделно од болести кои можат да се спречат и лекуваат“, посочи тој.