Министерот за локална самоуправа, Горан Милевски заедно со градоначалникот на Општина Пехчево, Драган Тренчовски денеска ја посети туристичката населба Равна Река, каде неодамна заврши проектот за партерно уредување на Црнодолскиот Водопад, при што изрази задоволство од реализираните активности преку кои се подобрува туристичката понуда во Малешевијата.

„Оваа туристичка атракција која што не била достапна за граѓаните или тешко достапна, сега ја уредивме со патека од 850 метри со видиковци, со клупи за одмор, со тоа што овозможивме да има пристап до туристите“ – рече Милевски.

Тој информираше дека Министерството денеска склучи договорот во висина од четири милиони денари за осветлување на патеките на Беровското Езеро.

„Целосно се посветуваме на развојот на туризмот во овој регион, бидејќи само тоа може да го  истакне регионот, да донесе многу туристи и да ја подобри економската состојба во регионот. Мене ми е мило што Берово и Пехчево нудат заедничка понуда за туристите и само така заеднички здружени можеме да настапиме и да дадеме една поквалитетна понуда за да ги задржиме туристите повеќе во овој регион“ – додаде Милевски.

Министерството за локална самоуправа, како што дополни, и во иднина ќе ги поддржува ваквите проекти

Проектот за партерно уредување на Црнодолските водопади опфаќа низа содржини кои според пехчевскиот градоначалник Драган Тренчовски значат зголемување на понудата за туристите кои го посетуваат ова место.

„Ја уредивме патеката во должина од 870 метри, имаме изградено 10 мостови, четири викендици,  видиковци, платформа пред водопадот што претставува дополнителен стимул и ефект на сите оние коишто ќе го посетат да имаат можност да се фотографираат пред самиот водопад. Убеден сум дека и во иднина ќе продолжиме со исти такви активности за развој на туризмот кој е моментално голем потенцијал за нашата општина, а се разбира и за нашиот регион“ – рече Тренчовски.

Проектот се реализира преку националниот буџет на Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој, додека дел од средства се обезбедени од локалната самоуправа преку Програмата за Источнопланскиот регион за 2020 година кој во тие рамки реализираше Регионални форуми во заедницата и притоа овој проект беше одбран како еден од приоритетните за реализација.

„Мене ми е задоволство да кажам дека за првпат кога Источниот плански регион започна со спроведување на регионални форуми на заедницата овој проект беше нотиран меѓу првите пет проекти и на задоволство и на општина Пехчево  подготвивме техничка документација. Проектот се исфинансира така што не е залудно учеството на целокупното население во идентификување на приоритетите. Задоволство е огромно што се заврши проектот и уште поголемо задоволство е што има позитивни коментари и придонесовме во промоцијата на овој убав пехчевски водопад“ – рече Зуица Ангеловска од Центарот за развој на Источно-планскиот регион.

Информираше дека во наредниот период како дел од акцискиот план предвидено е и уредување на спортско рекреативни терени на Равна Река, за што е спремена апликација, општината има изготвена техничка документација од страна по што се очекува финансирање на проектот.