Уредени спортските терени кај населба „Единство“

107

Педесетина млади лица, спортски ментори, млади лидери и акцијаши денеска работеа на уредување и адаптација на спортските терени во реонот на стамбениот комплекс до населба „Единство“ во Крива Паланка.

Акцијата ја спроведоа локалната мрежа „Спорт за развој“ и Здружението за унапредување меѓусебна доверба „ТАКТ“ од Скопје, со поддршка на општинските институции и Еколошко-акцијашкото здружение „Осоговски акцијаши“ од Крива Паланка.

– Прво беа расчистени терените, претходно од страна на јавното претпријатие „Комуналец“, а денеска и ние заедно со месното население, млади од населбата „Единство“ и акцијашите, по што беа исцртани повеќе друштвени игри што дечињата ќе ги играат овде и ќе се интегрираат, вклучувајќи се заеднички во секојдневната дружба. Поставени се и декоративни гуми кои го диференцираат теренот, а во наредните денови ќе се обноват постојните кошеви, ќе бидат поставени мини-голови за фудбал и фитнес-справи за вежбање на отворено, информира Магдалена Спасовска, извршна директорка на „ТАКТ“.

Ова е активност од проектот „Спорт за сите“ која под мотото „Спорт за социјално вклучување во заедницата” ја спроведуваат заеднички со менторите и младите лидери обучени со оваа промграма финансирана од Германското друштво за меѓународна соработка.

Ова е втора урбана локација во градот уредена во рамки на проектот, во јуни беше уредено игралиштето кај домот за ученици „Боро Менков“, каде месецов ќе се реконструира и просторијата за спортски активности, ќе биде опремена за вежбање и ќе се набави спортска опрема за дечињата од интернатот.

„Спорт за сите“ како проект предвидува и изработка на стратешки план за развој на спортот за инклузија на Крива Паланка, според која со спорт ќе се опфатат ученици од ученичкиот дом во градот, од училишната популација во руралниот дел, а истовремено ќе се вклучат и припадници на етничките заедници во општината.

Со тоа, согласно европските стандарди и истражувања направени во областа на спортот, ќе се придонесе за подобрување на квалитетот на животот на младите, идни создавачи на општеството, а ќе се унапредат и останатите сегменти од општественото живеење.