Неприфатливо е некој да мисли дека тие едноставно ќе ја искористат Бугарија само за влез во Европската Унија, изјави бугарскиот вицепремиер и лидер на ВМРО-БНД Красимир Каракачанов, коментирајќи го неодамнешното интервју на претседателот Стево Пендаровски, пренесува БГНЕС. Претседателот Пендаровски, неодамна изјави дека Комисијата составена од историчари нема прогрес во својата работа изминативе месеци, заради тоа што бугарската страна инсистира на политички, а не на историски пристап.

 

Доколку Комисијата за историски и образовни прашања нема рок, тогаш ќе нема рок и патот на Северна Македонија кон Европската Унија. Неприфатливо е некој да мисли дека тие едноставно ќе ја искористат Бугарија само за влез во Европската Унија, изјави бугарскиот вицепремиер и лидер на ВМРО-БНД Красимир Каракачанов, коментирајќи го неодамнешното интервју на претседателот Стево Пендаровски, пренесува БГНЕС.

– Македонскиот претседател Стево Пендаровски си дозволи да посочи дека меѓудржавниот комитет за историски и образовни работи не мора да има краен рок за својата работа. Јас пак велам дека на 17 октомври Бугарија не треба да брза да даде зелено светло за почеток на преговори за членство на Македонија сè додека не бидат расчистени сите фалсификати на историјата, наведува Каракачанов.

Според него, изјавата на Пендаровски е во спротивност на духот за добрососедство и, како што вели, на бугарската „цврста позиција” дека мора да се забрза напредокот во разговорите за заедничка историја и нивна примена во образовниот систем на соседната држава.

Претседателот Пендаровски, неодамна, во интервју за 360 степени рече дека Комисијата составена од историчари нема прогрес во својата работа изминативе месеци, заради тоа што бугарската страна инсистира на политички, а не на историски пристап.

– Јас на последната средба со бугарскиот премиер Борисов овде во Скопје, каде зачудувачки беше и претседателот на бугарскиот дел од комисијата, јасно му кажав дека комисијата не може да има краен рок. И најдобрите историчари на свет да ги земете, не може во две недели или за два месеца да решите два века. Се надевам дека ќе надвладее разумот и нема да има политички притисоци кои неспорно доаѓаат од Софија врз работата на таа комисија, рече Пендаровски.

И додека од Бугарија стигнуваат заканувачки тонови, албанскиот премиер Еди Рама порачува дека позитивен одговор за Албанија и Северна Македонија ќе биде најпаметна одлука на ЕУ.

-Давањето позитивен одговор на Албанија и Северна Македонија на 18 октомври за нивната амбиција да започнат преговори за членство, нема да биде обична награда заснована врз нивните заслуги, туку стратегиски ќе биде најпаметната одлука што ЕУ би ја донела, изјави Рама.

Посочил дека регионалната стабилност, безбедноста, напредокот и демократијата во регионот може да се гарантираат единствено од европската перспектива.

Генералниот секретар на ООН Антонио Гутереш, деновиве изразил очекување дека Брисел ќе покаже поголем ентузијазам за проширување на Европската Унија на Балканот. Гутереш ја истакнал важноста на создавањето средина во која работите ќе се одвиваат позитивно и рекол дека ова е една од причините за нерешените прашања, со извесниот застој во Брисел во поглед на проширувањето, пренесе РТЦГ.

Македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров е оптимист дека Македонија за неколку дена ќе добие датум. Уште еден чекор нè дели од почетокот на пристапните преговори со Европската Унија, изјави Димитров во  Њујорк. Вели дека  македонските граѓани, кои даваат широка поддршка на европската идеја, имаат големи очекувања од октомврискиот состанок на Европскиот совет. Позитивната одлука ќе биде јасна порака за нив, за регионот и за довербата во политиката на ЕУ кон Балканот.

Истовремено, и премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис, од Генералното Собрание на ОН, порача дека Грција ќе продолжи да ги поддржува напорите на земјите од Западен Балкан за интеграција во Европската Унија.

Во однос на нашите соседи на север, Грција ќе продолжи да ги поддржува напорите на сите земји од Западен Балкан да се интегрираат во Европската Унија, доколку ги исполнуваат нивните меѓународни обврски кон Европската Унија и нивните обврски кон соседите.

Инаку, германскиот Бундестаг ја отвори вратата на земјава за почеток на пристапните преговори со Унијата, а позитивни сигнали доаѓаат од Франција, по изјавата на францускиот амбасадор во земјава Кристијан Тимоние кој изрази очекување за зелено светло и од претседателот Емануeл Макрон.

За Македонија и официјално да ги почне пристапните преговори ќе биде потребна позитивна одлука на самитот на шефовите на држави и влади на земјите членки на Европската Унија. Се очекува, на идната седница на Советот за општи работи кој ќе се одржи на 15 октомври, министрите на земјите членки да одлучат дали ќе ги започнат преговорите со земјата, а конечната одлука ќе треба да се донесе од лидерите на земјите членки на ЕУ, едногласно, на седницата на Советот на Европската Унија на 17 и 18 октомври во Брисел. Амбасадорот на ЕУ Самуел Жбогар се надева дека македонскиот јазик набргу ќе биде 25. службен јазик на ЕУ.