УНИЦЕФ: Во 2021 година во Нигерија киднапирани 1.440 ученици 

33

Вкупно 1.440 ученици се киднапирани во Нигерија од почетокот на 2021 година, додека во истиот период биле извршени 25 напади врз училишта, соопшти УНИЦЕФ.

„Нигериските деца и натаму ги трпат последиците од кризата. Долготрајниот конфликт беснее во североисточна Нигерија веќе 12 години. Илјадници деца во регионот се убиени, осакатени, киднапирани, раселени и доживеале повеќекратни прекршувања на човековите права“, се вели во соопштението од Агенцијата на ОН.

Истакнувајќи дека секој четврти потврден случај на сериозно прекршување на законот во светот е извршен во Западна и Централна Африка од 2005 година, УНИЦЕФ наведе дека минатата година повеќе од 6.400 деца биле жртви на едно или повеќе сериозни прекршувања.

„Нигериските деца, без разлика дали се директни цели на насилство или колатерални жртви на конфликти, се во постојана несигурност што ја гледаме низ целата земја. Ова е неприфатливо. Овој важен извештај го покажува степенот на сериозно прекршување на правата на децата во Нигерија и Западна и Централна Африка – прекршувања со кои мора да запрат сите страни во конфликтот“, рече Пуонг Т. Нгуен, шефица на канцеларијата на УНИЦЕФ во Маидугури, Нигерија.

Таа, исто така, рече дека децата мора да имаат можност да растат, учат, работат и да придонесуваат за здрава иднина. – Ова може да се случи само ако тие се заштитени од насилство и од најлошите последици од конфликтот, додаде таа.