Универзална нема да стане јајце, Шота ќе се дотерува, а кино Манаки -ентериерно уредува

254

Во моментов во финална фаза е изработката на проектот за новиот изглед на Универзална сала, по што ќе се знае конкретно изгледот и обемот на проектот, како и времето и средствата потребни за овој проект. Штом проектот ќе биде и готов, истиот ќе биде споделен со јавноста“, велат за весникот “Вечер“ од Град Скопје. Она што го потврдуваат е дека објектот нема да го добие изгледот на јајце според проектот кој беше избран во рамките на конкурсот распишан од претходната Влада.

„Универзална сала“ во Скопје, која веќе четири години не е во употреба, ќе се надградува и доградува, но сигурно нема да го добие изгледот на јајце според проектот кој беше избран во рамките на конкурсот распишан од претходната Влада. Деновиве Град Скопје доби 30 милиони денари за реконструкција на овој објект согласно со програмата на Владата за капитални дотации во локалната самоуправа во областа на културата за 2019 во износ од 117.056.131 денар.

“Овие средства, согласно потпишаниот договор, се наменети за реализација на проектот за реконструкција со надградба и доградба на ЈУ Универзална сала – Скопје за фази припремни работи и земјени работи. Во моментов во финална фаза е изработката на проектот за новиот изглед на Универзална сала, по што ќе се знае конкретно изгледот и обемот на проектот, како и времето и средствата потребни за овој проект. Штом проектот ќе биде и готов, истиот ќе биде споделен со јавноста“, велат за весникот “Вечер“ од Град Скопје.

Финансиски допинг за капитални инвестиции од областа на културата добија и општините Битола, Врапчиште, Липково, Крушево и Боговиње.

Така во Општина Битола ентериерно ќе се уредува кино Манаки со над осум милиони денари. Се работи за објект на два ката со сала за проекции и капацитет од 120 гледачи изграден од претходната власт, а лоциран на Широк Сокак на местото каде до 1939 работело киното на браќата Манаки „Балкан“. Сепак, објектот остана ентериерно неопремен. Граѓаните на Битола и љубителите на филмската уметност сметаат дека објектот треба да се стави во функција бидејќи  во спротивно ќе се руинира.

“Киното ќе биде придонес во филмската кутура на градот во кој се одржува и филмскиот фестивал ‘Браќа Манаки’ (првите сниматели на Балканот). Според предвиденото, во киното ќе има и музејска постановка за животот, делата на Манаки и кинематографијата во Битола“, сметаат битолските филмофили.

Десет милиони денари од касата на Министерството за култура се издвоени за изградба на спомен-обележјето на Тоше Проески. Според градоначалникот Томе Христоски изготвено е идејното решение за уредувањето на вечното почивалиште на Тоше Проески на Гумење. Автор е Жарко Чаушески, кој единствен се пријавил на конкурсот. За идејното решение за вечното почивалиште на Тоше Проески е консултирано и неговото семејство. Од Општината се надеваат дека конечно, по 12 години од трагичната смрт на Проески ќе биде достојно уредено неговото вечно почивалиште на истото место на Гумење каде сега под настрешница се бројните постери, слики, предмети кои веќе 12 години ги оставаат неговите обожаватели не само од државава, туку и од целиот Балкан.

Проектот за реконструкција на домот на културата Шота во селото Неготино-Полошко исто така влезе во програмата за капитални дотации за единиците на локалната самоуправа во областа на културата. Според најавите работите за реконструкција на објектот би требало да започнат кон крајот на август.

“Општината со министерството заедно ќе се заложат овој објект да биде целосно функционален и да добие современи услови“, велат од Општината Врапчиште. Домот на културата Шота е изграден во 1973, а просториите се користат од повеќе здруженија.

Во Министерството за култура деновиве е потпишан и договорот за реализација на изградбата на Домот на културата во Општина Боговиње, за што беа обезбедени средства од 25 милиони денари.

Овие средства, како што велат во Општината, каде веќе имаат проект како ќе изгледа новиот културен центар, се само за првата фаза од изградбата.

Од Општината Липково за која се издвоени 25 милиони денари, исто така посочуваат дека добиените средства ќе бидат искористени за продолжување на работата на изградбата на куќата на културата во селото Матејче.

“Овој објект секако ќе има големо влијание врз развојот на културниот живот во нашата општина, но во исто време ќе биде и нов импулс во еволуцијата на културната понуда во нашата земја општо“, велат од Општината.