На Охрид црно му се пишува, ги исполни условите за впишување на Листата на светско наследство во опасност! Според последниот обемен извештај на Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО, која ја посети нашата држава во јануари минатата година, а кој деновиве беше објавен на нивната веб-страница, заклучокот е дека препораките зададени во 2017 година не се исполнети како би се надминале ранливоста и заканите кои беа идентификувани во врска со Охридскиот регион. “Со тоа, доброто (Светското наследство на Охридскиот регион) ги исполни условите за впишување на Листата на светско наследство во опасност“, стои во извештајот, чии делови ги пренесува граѓанската иницијатива Охрид СОС. Оттаму сметаат дека Охрид никогаш не бил поблиску од листата на добро во опасност, епилог од години запоставување и непланска урбанизација, од кој државата требаше да го спаси во изминатиот период со исполнување на препораките зададени од Реактивната мисија.

„Постепената ерозија на атрибутите не беше сопрена, се појавуваат нови проекти и планови кои го загрозуваат доброто и дојдовме до сознанија за нови закани. Евидентно е дека, како резултат на значителни проблеми со управувањето и слаба имплементација на законите, доброто е со висок степен на ранливост. Сето тоа доведе до несоодветни интервенции, негативни ефекти врз градското планирање, предлози за проекти од големи размери што резултира во сериозно влошување на состојбата на урбаниот, руралниот и природниот пејзаж и клучните атрибути на исклучителната универзална вредност (ИУВ)“, пишува во извештајот на УНЕСКО.

„Од она што успеавме да видиме, ваквиот извештај не е ништо ново, затоа што од првиот извештај од 2017 година и овој сега, ништо суштинско не е поместено.  Затоа заклучоците ќе бидат исти, па веројатно и полоши во однос на степенот на заштитата и вистинската посветеност на институциите за справување на проблемите со кои се соочува Охридскиот регион. За жал, изјавите на претставниците на нашата земја, на годишното собрание во Баку, на Комитетот за светско наследство, испаднаа лажни. Ништо не се случи во овие две години, иако тие ветија и тврдеа дека навистина ќе се справат со предизвиците. Тоа не го сторија и ова се само констатации, заклучоци на тричлената комисија, која присуствуваше во Охрид и која ги увиде фактичките состојби, а која беше на терен и од албанската и од македонската страна“, вели Владимир Трајановски од Охрид СОС. Тој посочи дека деновиве ќе се објавуваат извадоци од извештајот кој е достапен во моментот само на англиски јазик, со цел да се доближат нивните заклучоци до пошироката јавност за да се видат конкретните препораки.

„Во извештајот има препораки, кои се итни и не знаеме како нашите претставници ќе се справат со нив, независно дали се работи за локалната самоуправа или министерствата. Иако за некои аспекти има и подолг временски рок“, додава Трајановски.

Од Охрид посочуваат дека градоначалникот утре ќе одржи прес конференција, на која ќе биде искажан ставот и по ова прашање. Од Министерството за култура и Националната комисија на УНЕСКО, пак, истакнуваат дека остануваат посветено да работат по препоаките од Извештајот на Реактивната мисија на УНЕСКО.

“Во изминатите четири години направени се значителни исчекори во заштитата, но останува уште многу работа -како за централната и локалната власт, така и за стручните лица и целото граѓанство“, велат од Министерството за култура.

(Д.Т.)

Екс градоначалници на Охрид и инспектори под лупа на државата

Тројца екс градоначалници и раководства на Охрид, како и фирми и инспекции, во следниот период ќе бидат под лупа на државата, пренесува Охрид 1. Од владини и општински извори, се вели дека ќе се испитува како им е дозволено на фирмите да узурпираат јавен простор и плажи со години, а тоа не било санкционирано.

Во моментот охридските власти работат на расчистување на охридските плажи од објекти со истечен рок за концесија.

Охридскиот медиум јавува дека проверките направени во официјално пријавените финансиски биланси покажале дека угостителските објекти кои противзаконски узурпирале плажи, лоцирани на дел од брегот, оствариле милионски приходи.