Унгарија: Три четвртини од вработените би продолжиле да работат од дома

24

Три четвртини од вработените Унгарци, кои учествуваа во истражувањето на Reacty Digital, изјавија дека би сакале да продолжат да работат од дома најмалку еден ден во неделата, дури и кога ќе се подобри епидемиолошката состојба.

Според податоците добиени во оваа анкета, работата од дома генерално повеќе им одговара на оние со високо образование, а голем број сметаат дека работодавците заработуваат правејќи ги овие отстапки, пренесува агенцијата МТИ.

Истражувањето покажува дека 37 проценти од 1.000 вработени испитаници добиле понуда да работат од дома на крајот на јануари и дека повеќето жители на унгарскиот главен град и оние со диплома ја искористиле таа можност.

Една третина од вработените работеле од дома цело време, додека 90 проценти од квалификуваните работници не биле во можност да ја завршат својата работа од дома, се наведува во извештајот на агенцијата.

Авторите на истражувањето додадоа дека повеќето квалификувани работници не би работеле од дома дури и кога епидемијата ќе заврши. Сепак, оние на раководни позиции би продолжиле да работат од дома три до пет дена во неделата.

Според податоците до кои дошле истражувачите, 24 проценти од вработените не би сакале или не би можеле да ја извршуваат својата работа од дома.

Истражувањето покажа дека седум проценти од вработените ќе продолжат да работат од дома најмалку еднаш неделно, 15 проценти два дена, 16 проценти три дена, седум проценти четири дена, а 31 процент би сакале да продолжат да работат од дома сите пет дена.

Испитаниците исто така изјавиле дека работата од дома е помалку стресна за нив, а дури 32 проценти изјавиле дека не чувствуваат стрес работејќи од дома, покажа истражувањето.

Извор:МИА