Уметност испишана со големо “И“- изложба на Касиопеја Наумоска

264

Во ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп е поставена изложбата на слики „Без наслов“ од уметницата Касиопеја Наумоска.

Д-р Васко Шутаров во тектот кон изложбата насловен „Касиопеја. Или уметност испишана со големо ‘И’” ќе посочи „Роден уметник. Тоа е првото име и презиме на уметникот, Касиопеја Наумоска“, додавајќи дека „искреноста е во нејзиниот пристап кон уметноста што ја твори“.

„Играта со која владее совршено. Играта на детето во неа, со строгиот Учител над неа. Играта на освоените слободи и заробените страсти во нив. Играта на темното и светлото, на машкиот и женскиот принцип, на рационалното и ирационалното. Интегритетот на сите тие крајности, од кои пресоздава складна композиција. Импулсивноста во играта на линии и форми. Импресивноста со која ја облагородува сопствената експресија и провоцира трајни импресии кај својата публика…“, ќе посочи меѓудругото Шутаров.

Наумоска (родена 1968 во Скопје) зад себе има повеќе самостостојни и групни изложби во и вон Македонија. Добитник е и на наградите: 2015 – Остенов уметник на годината- Скопје, 2011- Акварел симпозиум – Карпош Општина, 2009- КИЦ – Скопје мал формат, награда „Константин Мазев”, 2003- ДЛУМ – награда за сликарство- „Петар Мазев”, 2001- C.S.R. награда за постер, 1997- КИЦ – Скопје- мал формат.

Љубителите на уметноста изложбата ќе можат да ја проследат до 2 ноември.