Улицата „Орце Николов“ ќе добие камери за увид во паркинг-местата

407

Како што објасни директорот на ЈП ПОЦ, Васко Кичевски, камерите ќе служат за увид на состојбата со паркинг-местата, на новата апликација на претпријатието може да се види колку слободни паркинг-места има на располагање, а воедно, системот автоматски ќе препознава дали имате дозвола за паркирање на одреденото место, дали сте платиле билет за тој комерцијален паркинг, додека дневните паркинг-карти ќе се доставуваат на домашна адреса. Проектот ќе се одвива во неколку фази. Првата ќе го опфати Дебар Маало и Парк, втората Буњаковец и Капиштец и последната трета фаза, населбата Пролет

Улицата „Орце Николов“ која во моментов се реконструира ќе биде првата каде на територијата на општина Центар ќе се спроведе проектот „Смарт Сити“, на Град Скопје.

Во рамките на проектот, како што изјави директорот на јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“, Васко Кичевски, ќе се постават камери секаде каде што ова претпријатие стопанисува со паркинзите.

-Камерите ќе служат за увид на состојбата со паркинг-местата, на новата апликација на ЈП ПОЦ ќе може да се види колку слободни паркинг-места има на располагање, а воедно, системот автоматски ќе препознава дали имате дозвола за паркирање на одреденото место, дали сте платиле билет за тој комерцијален паркинг, додека дневните паркинг-карти ќе се доставуваат на домашна адреса. Со тоа ќе се намали бројот на вработени во ЈП ПОЦ. Дел од вработените ќе одат во пензија, дел ќе се прераспределат, така што нема да има отпуштања – објасни Кичевски.

Проектот ќе се одвива во неколку фази. Првата ќе го опфати Дебар Маало и Парк, втората Буњаковец и Капиштец и последната третата фаза населбата Пролет.

Според Кичевски, првата фаза треба да заврши во рок од една година од сега.

-Се надевам дека првата улица „Орце Николов“ ќе биде завршена годинава, а потоа и сите останати – истакна Кичевски.

Како што наведе тој, на улицата „Орце Николов“ ќе бидат поставени 32 камери на бандерите на самата улица.

-Камерата фаќа од 4 до 8 паркинг-места и ако се има предвид дека ЈП ПОЦ во овој момент располага со 5.000 паркинг-места, бројката на вкупниот број на камери кои ќе се постават во рамките на проектот на Град Скопје „Смарт сити“ ќе се изнесува околу 1.000 – вели Кичевски.

Тој истакна дека Општина Центар и ЈП ПОЦ само ќе оперираат со системот, но нема да вршат никаква набавка.

Инаку, со реконструкцијата на улицата „Орце Николов“ ќе останат 88 паркинг-места, за разлика од претходно кога имаше 180. Како што истакна Кичевски тие ќе бидат резидентни и ќе бидат наменети исклучиво за жителите.

Освен тоа, Кичевски најави дека е во тек постапка за целосно преземање на паркирањето во Дебар Маало, на ЈП ПОЦ од ЈП „Градски паркинг“ на Град Скопје,   а тоа ќе се случи многу скоро.

(А.П.)