Улицата „Македонија“ е „Маршал Тито“?!

382

Низ скопските улици сè уште стојат патокази со старите имиња на улиците. Таков е примерот со патоказот пред Музејот на Град Скопје на улицата „Св. Кирил и Методиј“, кој наместо кон улицата „Македонија“, упатува кон улицата „Маршал Тито“ и кон плоштадот „Македонија“. Тоа го забележавме и со фотоапарат. Ова е збунувачки, како за скопјани така и за туристите за кои оваа маршута низ главната пешачка улица до градскиот Музеј е редовна. 

Дали станува збор за враќање на старото име на улицата „Маршал Тито“ кое го носеше до осамостојувањето на државава, кога со одлука на Советот на Град Скопје е преименувана во улица „Македонија“ истовремено и со името на плоштадот, прашавме во Град Скопје. Оттаму велат дека не го виделе патоказот, но тврдат дека името на улицата „Македонија“ не е сменето. Велат дека нивните инспектори допрва ќе излезат на терен за лично да се уверат за што станува збор иако им посочивме дека патоказот на ова место е веќе долго време.

– Имињата на посочените улици не се променети. Инспекциските служби на Градот Скопје ќе излезат на терен за утврдување на состојбата и за соодветно постапување – кусо одговорија градските власти.

Улицата „Македонија“ има своја историја, во која го менувала името според општествено-политичките околности во кои опстојувала. Така, се нарекувала: „Султан Хамид V“, „Цар Фердинанд“, „Краљ Петар“, „Цар Борис“, „Маршал Тито“, за во почетокот на 90-тите години од минатиот век да го добие денешното име – „Македонија“.

Инаку, за промена на имињата на улиците се разговараше уште во мандатот на градоначалникот Петре Шилегов, а во 2021 година беа вратени имињата на неколку објекти, катни гаражи и улици.

Фото: (Ѕ.П.)