Иранските власти го уапсија познатиот ирански фудбалер Вари Гафури, кој е обвинет за „навреда и оцрнување на угледот на репрезентацијата“. Тој беше обвинет и за учество во пропаганда „против државата“, објави агенцијата Фарс.

Гафури е уапсен за време на тренинг на неговиот тим Фулад од Ахваз.

Играчот (35) од Санандај, главниот град на ирански Курдистан, на Инстаграм објави фотографија на која е облечен во традиционална курдска облека.

Поранешниот капитен на Естеглал, најпрославениот тим во земјата, беше принуден да го напушти тимот во јули поради повеќекратните критики од властите.

Протестно движење го потресе Иран по смртта на Махса Амини, 22-годишна Иранка по потекло од Курдистан на 16 септември. Таа почина во болница каде беше во критична состојба откако беше уапсена на 13 септември во Техеран поради „носење несоодветна облека“ и непочитување на строгиот кодекс на облекување на Иран кога се во прашање жените.