Уапсени четворица Холанѓани по закани до белгискиот министер за правда, осомничени за обид за киднапирање

48

Во Холандија се уапсени четири лица осомничени дека имаат врска со заканите упатени до белгискиот министер за правда, Винсент Ван Кикенборн.

Белгиското обвинителство во саботата објави дека министерот е ставен под засилен полициски надзор и дека тројца осомничени се уапсени во Холандија.

Холандското обвинителство соопшти дека се работи за тројца мажи на возраст од 20, 29 и 48 години, од холандска националност.

Беше побаран нивен трансфер во Белгија.

Четвртото лице уапсено во Холандија исто така е маж, додаваат извори блиски до белгиските правосудни власти, без да дадат повеќе детали.

Тие извори за Франс прес изјавиле дека во возило забележано во близина на домот на министерот во предградие на Брисел било пронајдено автоматско оружје.

Фламанското радио и телевизија ВРТ го спомена обидот за киднапирање на министерот и дека заканите потекнуваат од светот на трговијата со дрога и организираниот криминал, но оваа информација не беше потврдена од судски извори.

Други фламански медиуми објавија дека во возило до куќата на министерот биле пронајдени калашникови и шишиња полни со бензин.

Министерот на социјалните мрежи изјави дека е решен да ја продолжи борбата против организираниот криминал.

„Никогаш нема да се подложиме на насилство“, додаде Ван Кикенборн.

Од Обвинителството изјавија дека минатата недела министерот за правда бил информиран за можна закана и предметот е предаден на истражен судија, кој потоа рекол дека ваквата закана треба сериозно да се сфати. Министерот веднаш бил ставен под засилен полициски надзор.

Други детали за заканите и истрагата не се објавени.