Уапсена испраќачката на отровното писмо до Трамп

38

Граничната полиција уапсила жена за која постои сомневање дека испратила писмо со отровот рицин до американскиот претседател Доналд Трамп и која се обидела од Канада да влезе во САД.

Жена, која наводно го испратила писмото со отровот рицин до Белата куќа, е уапсена на американско-канадската граница, објавија американските медиуми. Осомничената се обидела да ја премине границата во американската сојузна држава Њујорк и да влезе во САД, доаѓајќи од Канада, но била приведена од страна на американските цариници и граничната полиција, објави Си-ен-ен.

Се очекува таа да вложи жалба, соопштил полициски претставник за новинската агенција АП. Писмото за кое се тврди дека содржи смртоносен отров било адресирано до американскиот претседател Доналд Трамп. Во саботата тоа било пресретнато од страна на службениците за безбедност кои се грижат за проверка на пристигнатите пратки. Првичните тестови на ФБИ биле позитивни откако на писмото е извршена проверка за присуство на отрови од групата рицинус. Во случајот нема повредени лица.

Отровната супстанција рицин, која се добива од семето на растението рицинус може да предизвика повраќање, внатрешни крвавења и откажување на работата на органите доколку биде голтната, вдишена или инјектирана. Не постои средство кое може да се употреби против неа. Слични писма биле испратени до органите на прогонот во Тексас, вклучувајќи затвор и канцеларија на шерифот. Заедничка работна група за борба против тероризмот во Вашингтон започнала истрага со помош на њујоршката полиција и Кралската канадска коњаница.