Паника на плажите во регионот…Рибата дракена ја има и во Грција и на Јадранот како “риба паук”,a  оваа сезона на многу семејста им го уништи одморот, бидејќи доколку случајно ја згазнете, таа испушта отров и почнуваат неподносливи болки, па затоа потребна е итна медицинска помош и соодветна терапија

Годинашнава туристичка сезона на повеќе туристи од регионов им донесе проблеми откако некој од нивното семејство настрада од  каснување  со отровна риба. Весникот „Вечер“ веќе пишуваше за скопјанката  Наташа А. Галевска, која  ни раскажа за своето несекојдневно искуство што и се случило на плажата во местото Никити, на вториот крак од полуостровот Халкидики. Таа  додека била на одмор била касната од дракена,во моментот кога се подготвувала да се искапи во морето, по што итно била пренесена во медицинскиот центар во „Агиос Николау“ каде што добила противотров, лекот „тетагам“…

Се работи за рибата дракена, која вообичаено живее во големите длабочини, но  за време на летната сезона се појавува и во близина на крајбрежјето. Вешто се сокрива во песокот, па не може да се забележи. Ако ја згазнете таа испушта отров и почнуваат неподносливи болки, па затоа потребна е итна медицинска помош. Мештаните ги предупредуваат туристите дека прва помош може да биде жешката вода затоа што отровот е термолабилен, поради тоа не е лошо секогаш покрај себе да имате шише вода која ќе ја чувате на сонце.

Српските медиуми, исто така, пишуваат деновиве дека нивни сограѓани  од опасната риба-пајак имале непријатно искуство во Аспровалта, Неи Пори, Лептокарија и Паралија. Една од каснатите добила рана од рибата на палецот од ногата. Таа веднаш побарала лекарска помош, а докторот ѝ кажал дека имала среќа што се јавила во првите 15 минути по убодот од отровната риба. Инјекцијата ја примила во палецот, на местото на убодот, а потоа примила и антибиотик.

Во Паралија, пак, минатата недела настрада едно осумгодишно детенце и тоа последниот ден од нивниот одмор кога требале да заминат. Детето ја нагазнало опасната риба и итно било однесено на лекар каде што примило соодветна терапија.

Токму затоа туристите што деновиве треба да заминат на летување во Грција или пак на Јадранот, во реонот на плажите на  Медитеранот се исплашени по информациите што кружат во медиумите.

Професорот на Биолошкиот факултет во Белград, Предраг Јаначковиќ, кој  гостуваше во утринската програма на РТС укажа дека нема потреба од страв и паника, само е потребно внимание додека сме на плажа, па и користење на пластични сандали.

Биолозите, исто така, им препорачуваат на туристите кога се во други држави на летување да не консумираат непознати плодови, но и да не допираат непознати билки. Можни се алергиски реакции.

Според него ова не е пропаганда за летувалците кои ќе заминат во Грција, бидејќи вакви риби има и на Јадранскиот брег  каде што е наречената „риба-паук“ или „риба-лав“ која исто така има отровни боцки.  Се среќава и нов вид наречен опасната „риба лопта“, која при каснување предизвикува неподнослива болка. Затоа само предупредуваат туристите да бидат повнимателни на плажата и да користат пластични сандали.

Рибата паук  ја има на брегот на Јадранот и Медитеранот. Се работи за риба која што се крие, мала од пет до шест сантиметри, сплосната со пеги на грбот. На грбот има боцки кои се поврзани со отровна жлезда која произведува неуротоксин. Оваа риба е навистина опасна и ако некој е алергичен на овој отров, при што се можни и компликации. Затоа се препорачува веднаш да се реагира и да се прими противотров.

Прва работа е да се извадат боцките. Како прва превентивна мерка е да се стави ногата во топол песок или топла вода од 45  степени, бидејќи отровот е термолабилен. Се чува половина час па потоа се прави пауза и постапката се повторува. По некое време отокот се повлекува. Повреденото лице треба да остане присебно да не го фака паника и веднаш да побара лекарска помош. Се примаат антибиотици и инјекции.

 Риба-лав, убава но опасна

Оваа риба од Индискиот Океан дошла на Медитеранот. Ја има и во Турција, Грција и Кипар. Има многу интересна колоритна боја, но и боцки на кои можеш да се боцнеш. Боцките прво се вадат, а потоа исто  така се става повреденото место во песок и топла вода. Отровната риба-лав исто така e позната и како риба-змеј и риба-мисирка. Рибата лав ја карактеризираат впечатливо долгнавестите и тенки перки кои на краевите се тенки како игла, секоја од овие перки е поврзана со отровната кесичка на рибата-лав.

Ако се случи отровот да стигне во човековиот организам, човекот со сигурност ќе претрпи силни болки, а возможни се и главоболки и повраќање. Вообичаен третман е исшмукување на отровот од зафатеното место со топла вода, бидејќи многу е мал бројот на болници во кои постојат специјални третмани.

Во морските води врие од медузи

Медузите можат да предизвикаат изгоретини при самиот допир со нејзините пипки. Но, за среќа, тие не се отровни. Интересно е да се знае дека се ставаат облоги од морска вода.

Отровот од овие желатинести морски суштества во контакт со кожата предизвикува болка слична на изгореница, а е проследена со црвенило и отекување. Во ваков случај, прва помош е да останете смирени и да излезете од вода. Никако не тријте ја раната, бидејќи така ќе го потиснете отровот подлабоко во кожата.Ако на раната има и пипци од медузата, не отстранувајте ги со голи раце или пешкир. Употребете пинцета или сличен предмет.

На отеченото место може да ставате коцки мраз за да се намали отокот. Од помош може да биде и миење со физиолошки раствор, а во проверени алтернативни методи се вбројуваат и миење со оцет, како и масло од кантарион. Во аптека може да побарате крем кој содржи аналгетик и антихистаминик. Ако симптомите не престануваат и не се ублажуваат по неколку часа, неопходно е да се обратите на лекар.

(В.Ма.)