Туристите од Холандија, Полска, Украина… ќе дојдат во Охрид, а нашите ќе летуваат во Грција и Албанија

На стартот на летната туристичка сезона во Охрид веќе има странски туристи, а со оглед на тоа дека Македонија со помалку од 450 активни случаи е во зелена зона се очекува да дојдат и поголеми групи од странски туристи од Холандија, Полска, Украина, Велика Британија.... Поголем дел од туристичко-угостителските објекти во државата веќе имаат „safety stamp“, налепницата која е доказ дека во нашата држава се применуваат безбедносните мерки и нашите капацитети се безбедни за престој на туристите

152

Иако од денес официјално почнува летната туристичка сезона, во Охрид веќе има српски туристи, а се забележуваат и помали групи на туристи од Украина, Полска, Албанија и Косово. Поголем дел од туристичко-угостителските објекти во државата веќе имаат „safety stamp“ налепницата, која е доказ дека во нашата држава се применуваат безбедносните мерки и нашите капацитети се безбедни за престој на туристите. Тоа значи дека освен домашни и туристи од регионот, летово се очекува да дојдат и туристите од Холандија, Полска, Украина, Велика Британија…

-Веќе во Охрид има српски и црногорски туристи, а се забележуваат и првите групи на украински, полски, албански, косовски туристи, како и индивидуални турски туристи. Со оглед на тоа дека пандемијата се смирува, а бројот на заразени е во надолна линија и со помалку од 450 активни случаи, Македонија е во зелена зона како сигурна дестинација од ковид-19. Годинава очекуваме и поголем број на туристи од Европа бидејќи поголем број земји го тргнаа карантинот од 14 дена за туристите кој доаѓаат од Македонија, изјави за ВЕЧЕР, Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

Со рестартирање на авиолинијата Варшава-Скопје и Варшава-Охрид, овој месец се очекуваат поголеми групи на полски туристи. Интерес има и од туроператорот ТУИ Холандија, кој најави дека од средината на јули ќе започне со носење на традиционални гости, како и од турските туроператори кои се заинтересирани за носење на нивни туристи во Охрид.

-Од јули со реализација на кружните украински тури Киев-Тирана-Скопје очекуваме повеќе туристи од оваа земја. Групите украински туристи ќе останат во Македонија на неколку дена, а освен нашата земја ќе ја посетат и Албанија. Со рестартирање на авиолинијата Варшава-Скопје и Варшава-Охрид очекуваме повеќе туристи од Полска. Има голем интерес и од туроператорот ТУИ Холандија за враќање на традиционалните холандски туристи во нашата земја, вели Јаневски.

Хотелиерите не очекуваат дека оваа сезона ќе има бум од туристи, бидејќи нашите туристи ќе заминат во Грција, Албанија, Црна Гора…., но со оглед на подобрената епидемиолошка состојба се надеваат дека ќе биде подобра од лани и оти најавените гости од странство ќе дојдат.

Од туристичките агенции најавуваат дека освен српските туристи кои веќе имаат резервации во охридските хотели со попуст за пакет аранжмани во јули и август се очекуваат да дојдат и туристи од Велика Британија и САД. Тие се оптимисти дека туризмот полека почнува да се раздвижува. Секако, не можеме да очекуваме дека ќе имаме подем како пред пандемијата, односно во 2019 година кога имавме 80 отсто исполнетост на капацитетите со странски туристи.

Очекувањата се дека годинава ќе ја надминеме бројката од 2 милиони странски ноќевања и ќе се приближиме до бројката од 300 милиони евра.

(А.С.)