Единствена тема која ги обедини бугарските пратеници, кои подолго време не успеваат да создадат стабилна владина коалиција, е осудата на „антибугарските пројави“ во Македонија, меѓу кои и нападите врз бугарските клубовите. Во меѓувреме, на 16 февруари истекува рокот за усогласување на провокативните имињата на бугарските здруженија, а нема никаква најава за такво нешто. Наместо прифаќање на законските измени, претставници на Бугарите од Македонија се пожалија кај еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји дека нема дијалог помеѓу македонските власти и Бугарската заедница. Прекршочната пријава поднесена од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација за неизвршување на законски надлежности поврзани со клубот „Ванчо Михајлов“ од Битола, како што велат од Правда за весникот ВЕЧЕР сè уште не  пристигнала кај министерот Никола Тупанчевски.

Народното собрание на Бугарија, денеска, без дискусија усвои декларација во која „се осудуваат антибугарските пројави во Македонија“. Декларацијата беше поддржана од 185 пратеници, а еден беше воздржан, пренесува БТА. Бугарскиот парламент во усвоената декларација ги осудува „пројавите и повиците за насилство врз Бугарите во Македонија, нивните организации и клубови, а особено тешкиот престап врз Бугаринот Христијан Пендиков“ и бара да бидат преземени системски мерки од сите институции за откривањена сторителите и нивно изведување пред правдата.

Народното собрание, исто така, изразува и „противење на трајното неспроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Бугарија и Македонија од 2017 година и билатералните протоколи од состаноците на Мешовитата меѓувладина комисија од чл. 12 од 2019 и 2022 година“. Во декларацијата се изразува и загриженост дека „ескалацијата на антибугарската кампања во Македонија може да го загрози процесот на вклучување на Бугарите во Уставот на земјата, како и развојот на демократските процеси и институции во Македонија и нејзиниот пат кон членство во Европската Унија, што им служи на интересите на трети страни“.

Иако на 16 февруари истекува рокот за промена на провокативните имиња на бугарските клубови „Иван Михајлов“ во Битола и „Цар Фердинанд Трети“ во Охрид, засега нема никаква најава дека вакво нешто ќе се случи. Претседателката на Комисијата за заштита од дискриминација (КЗД), Весна Бендевска, деновиве изјави дека во случајот со бугарскиот клуб во Битола не биле извршени законски надлежности.

„Во овој случај нашата комисија утврди неизвршување на законски надлежности од страна на Министерството за Правда и Централниот регистар кои биле должни да констатираат дека постои фирма во сред центар на Битола испишан на табла туѓ јазик што го носи името на клубот што е спротивно на закон“, вели Бендевска.

Мислење за ликот и делото за Ванчо Михајлов, по барање на Комисијата изготвил копретседателот на Комисијата за историја со Бугарија, Драги Георгиев, според кого Михајлов е фашист и негативен лик.

Со ваквото мислење не се согласуваат од ВМРО-Народна партија, кои реагираат дека нема ниеден правно поткрепен доказ дека Ванчо Михајлов бил соработник на фашизмот.

– Во поглед на сè почестите нагласувања на тоа дека треба да се забрани и затвори клубот „Ванчо Михајлов“ поради контроверзноста на неговиот лик и негова наводна колаборација со фашистичките власти, а во насока на почитување и унапредување на правната држава, како еден од столбовите на Северна Македонија, прашуваме дали државата има некаков доказ кој укажува на негова наводна соработка со фашизмот, а притоа тој доказ да е правно поткрепен и во Македонија, но и во Европа. Ако во Југославија, но и во меѓународното право постоел процес кој донел заклучок дека Ванчо Михајлов е докажан соработник со фашизмот, тогаш добро е јавноста да биде запознаена и да престанат сите недоречености со ликот и делото на овој човек, велат од ВМРО-НП.

Бендевска соопшти дека во петокот комисијата за спречување и заштита од дискриминација поднела барање за покренување прекршочна постапка против Министерството за правда, претставувано од актуелниот министер Никола Тупанчевски и барање за поведување на прекрошчна постапка против здружението културен центар „Иван Михаилов“ од Битола. Но, според информации од Министерството за правда, ова барање сѐ уште не е пристигнато.

Претставниците на Бугарите од земјава, меѓу кои беше и претседателот на бугарското здружение „Ванчо Михајлов“ од Битола, Љубчо Ѓоргиевски, пак, не се загрижени од истекувањето на рокот за усогласување со новите законски измени. Наместо тоа тие, во средата, во Брисел му се пожалија на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји дека повеќе од две години безуспешно се обидуваат да водат дијалог со властите во Македонија. Според нив, Собранието наместо да работело на уставни измени, се занимавало со затворање на клубови на локалните Бугари.

„Парламентот во Македонија наместо да работи на измени за вклучување на Бугарите во Уставот со цел побрзо отпочнување на преговорите со ЕУ, донесува законска регулатива со цел затворање на клубовите на локалните Бугари во РСМ. Очекуваме во следниот извештај на Европската комисија за напредокот на РСМ да ги вклучи прашањата за кои разговаравме на оваа средба“, изјавија во Брисел претставниците на Бугарите од Македонија.

Претходно и бугарскиот претседател Румен Радев, во телефонски разговор со еврокомесарот Вархеји, му порачал дека ЕУ мора да ги гарантира правата и безбедностите на Бугарите во Македонија со истото темпо со кое се работело на забрзување на македонските евроинтеграции.

Претседателот на бугарскиот клуб во Битола, Ѓоргиевски по средбата со еврокомесарот Вархеји на својот фејсбук-профил напиша: „Македонија во Европа час поскоро, со Бугарите во Уставот како државотворен народ“.

На крајот на минатата година Ѓоргиевски изјави дека нема да го променат името на клубот „Ванчо Михајлов“, ќе го оспорат и Законот за регистрирање на здруженија и клубови, за кој сметаат дека не треба да важи ретроактивно, а ако треба, ќе одат и пред Судот во Стразбур. Бугарското МНР најави дека ќе обезбеди комплетна поддршка и стои во одбрана на веќе отворените бугарски клубови и здруженија. Масло на огнот беше најавата од бугарскиот бизнисмен Милен Врабевски за отворање на 20 нови бугарски клубови во Македонија, преку кои ќе се шири бугарската вистина и ќе работат на „освестување“ на Македонците.

(И.С.)