Трчај сам каде сакаш и колку сакаш

190

Во согласност со најновите заострени мерки на Владата и Комисијата за заразни болести, трката „Есенска 5К“, во организација на „Прв до врв“ ќе се одржи во формат и времетраење прилагодени на околностите предизвикани од здравствената криза.

Tрката почнува утре и ќе трае до 29 ноември. Квалификациите ќе бидат виртуелни и ќе се одвиваат од утре до 25 ноември било каде, кој кога сака и колку сака. Финалето со најдобрите пет, во машка и женска конкуренција во виртуелните квалификации ќе биде на 29 ноември, во Скопје, а времето и локацијата ќе бидат одредени дополнително.

Според правилата на трката, секој трча сам, колку сака и каде сака, а најдоброто истрчано време во периодот од пријавувањето до 25 ноември го одредува пласманот на учесникот. Пријавувањето е можно и по започнувањето на виртуелните квалификации, сè до 15 ноември. Активностите пред пријавувањето не се земаат предвид, без оглед што се реализирани по 31 октомври.

За растојанија подолги од 5.000 метри, времето се пресметува според просечното време на целата активност. Секој сам си го мери времето со помош на мобилната апликација STRAVA (или со спортски часовник кој може да се поврзе со STRAVA). Цената за пријавување е 200 денари и ќе се затвори на 15 ноември, без оглед што квалификациите продолжуваат уште 10 денови.

Најбрзите во машка и женска конкуренција освојуваат медали и парични награди. За прво место 3.000 денари, за второ 2.000 денари и за трето место 1.000 денари.

Правилата и процедурите на ова издание на трката се прилагодени на здравствените протоколи за заштита на учесниците и задолжително треба да се почитуваат во целост.

Пред стартот се спроведува дезинфекција на рацете и мерење телесна температура, задолжително носење на своја маска за време на стартот и по влегување во целта задолжително е држењето растојание меѓу учесниците пред, за време и по трката, водата се добива во неотворено шише, а прогласување на победниците е со задолжителна маска.