Неодамна од Кејптаун, главниот град на Јужна Африканската Република, се врати Ангел Арнаудов, софтверски инженер и маратонец аматер од Стојаково, кој како единствен Македонец учествуваше на маратонот Кејптаун, што се одржа во овој пристанишен град на југозападниот брег на Јужна Африка, на полуостровот под импозантната планина Табл, а на кој учествуваа  над 10.000 атлетичари од речиси целиот свет. Ова е единствениот маратон на африканскиот континент кој од оваа година е кандидат да стане дел од Светскиот маратон на Абот, во 2025 година, приклучувајќи се на тековната серија од шест најголеми и најпознати маратони во светот: Токио, Бостон, Лондон, Берлин, Чикаго и Њујорк.

  • Морам да кажам дека за овие десетина години во кои трчам маратон, сум бил учесник на сите најголеми светски маратони, почнувајќи од оние шест кои ги споменав на почетокот, па сè до  маратоните во Пјонгјанг, Сингапур, Париз, Истанбул, Мајами и  Дубровник. На овој маратон во Кејптаун голема поддршка ми дадоа мојот брат Дарко, кој живее во Кејптаун и уште еден Македонец, Александар Митанов, кој дојде од Танзанија, каде што живее и работи, за да ми даде поддршка. Инаку, самиот град ми остави силен впечаток, мислам дека е еден од најубавите градови што сум ги посетил, а сум бил на многу места. Има пејзажи од кои на човек му застанува здивот, прекрасна природа, разновиден за животински свет, многу зеленило и активен здрав животен стил. Посебно би ги издвоил возењето со жичницата, која од подножјето ве искачува на планината Табл, за само 4 минути, и ’Ртот Добра Надеж, дамнешна желба уште од основното училиште и  часовите по Географија, истакна Арнаудов.

  • Трката и резултатот не ми беа во прв план, имав цел само да ги завршам тие 42 километри, затоа што во последно време помалку тренирам поради  тоа што обврските кон децата и семејството не ми даваа многу време за тренирање. Но, сакам да истакнам еден момент која на мене остави посебен впечаток, а тоа се случи по влегувањето во целта, кога брат ми ми го даде македонското знаме да го развиорам и да се сликам со него. На мое големо изненадување, веднаш околу мене се собраа дел од организаторите и дел од маратонците кои беа воодушевени од изгледот на нашето знаме и сите ми рекоа дека Македонија го има најубавото и најинтересно знаме во светот, откри Арнаудов.

Тој исто така откри и кога и од каде се родила љубовта кон најтешката атлетска дисциплина.

  • Љубовта кон маратонското трчање кај мене се појави кога бев на работа во Флорида и тамошниот менаџер ни понуди на сите вработени парични бонуси за да бидеме физички активни. Јас покрај сопственикот бев единствениот кој успеа да ги заврши сите предвидени трки. Оттогаш, без трчање не можам. Маратонското трчање ми го „прочистува“ умот  и ме прави посилен  и поподготвен да се соочам со сите животни предизвици. Исто така, со трчањето на маратоните посетувам најразлични места за кои се трудам што повеќе да научам, а не само да го поминам времето во празно шетање. Најчесто тренирам на патиштата околу моето родно место Стојаково, трчам до Богданци и Ѓавато, до селото Селемлија, а за време на викендите најчесто трчам до Гевгелија преку Прдејци и Негорци во должина од 30 километри или до Дојран во должина од 26 километри, заврши Ангел, кој пред наредните маратонски трки сака прво убаво да се одмори.

(Љ.А)