Трудот на земјоделките е ниско вреднуван дури и во семејното домаќинство

75

Врз основа на податоците на ООН, жените на планетата главно не поседуваат земја, но главно  ја обработуваат, немаат капитал, но работат повеќе за помалку пари, особено кога ќе се земе предвид бесплатната работа. Имаат помал пристап до културните добра и медиумите, иако ликот на жените во тие области масовно се злоупотребува.

– Со жалење може да се констатира дека во нашата држава сѐ уште има рурални региони каде што живеат жени кои од различни причини, традиција, култура, религија и тие немаат можност да оформат солидно образование, не можат да се вработат, рано стапуваат во брак и оформуваат семејства, а имаат и ограничен  пристап кон социјалната и здравствената заштита, што на крајот доведува до  намален квалитет на нивниот живот. Проблемите со кои се соочуваат жените од руралните средини најчесто се занемарувани од страна на надлежните институции или, пак, третирани со регуларни мерки коишто не секогаш  доведуваат до посакуваниот резултат. Поради таквиот пристап, жените од руралните средини се во многу тешка ситуација и често спаѓаат меѓу најсиромашната популација, нивниот труд е ниско вреднуван, вклучително и трудот во семејното домаќинство, семејните обврски и работата на семејниот земјоделски имот – вели Лидија Ангелкова, проектен координатор на ПРЕДА фондацијата, која го имплементира проектот „Рурални жени за рурален развој“ заедно со организација на жени „Визија“ од Кавадарци финансиран од Мрежата за рурален развој.

Од анкетата за користење на времето за периодот 2014/2015 година на Државниот завод за статистика се гледа дека жените во руралните средини најголем дел од своето време, или 4 часа и 22 минути, го посветуваат на домашни, неплатени активности, додека само 1 час и 18 минути дневно на активност којашто им овозможува остварување финансиски надомест. Една од главните причини за економската зависност на жените е фактот што тие ја преземаат  основната одговорност за неплатената работа во домот.

-Општина Росоман има вкупно 4.064 жители од кои жени, 1.945 и мажи, 2.119. Според достапните податоци од родовиот индекс на општините, иако на локално ниво има назначено Комисија за еднакви можности и координатор на таа комисија, сепак не постои реална реализација на родово сензитивни политики – додава Лидија Ангелкова, проектен координатор на ПРЕДА плус фондацијата која започна со обуки во Општина Росоман.

Во однос на вработувањето, од вкупно 872 вработени, 555 се мажи додека 317 се жени. Кај сопствеништвото на земјата, мажите се сопственици во 10.157 случаи додека жените само во 3.098. Податоците за родовиот јаз во овие сегменти се поразителни, бидејќи укажува на ниската економска моќ на жените во оштината и потребата од нивно економско јакнење преку актуелизирање на важноста на пристап на жените до ресурси како основа за економска независност и подобрување на статусот.

Што се однесува до овозможувачките услови за развој на жените во општината, капацитетот на државните градинки изнесува 80 деца, додека во општината има 294 деца до 6 годишна возраст. Бројот на стари лица над 60 години е 846, а во општината не постои установа за грижа на стари лица. Овие податоци се индикатор дека жените во Општина Росоман се принудени да остануваат дома и да се грижат за децата и постарите членови од семејството, без особена можност за реален ангажман на пазарот на трудот.

Исто така, треба да се потенцира дека на 1.620 жени над 15 години, во општината не постои матичен гинеколог, а што се однесува до вклучувањето на жените во донесувањето на одлуки на локално ниво, од вкупно 9 советници, само 2 се жени, податоци од Индексот на родова еднаквост.

Поради овие факти потребата  за родово сензибилизирање на населението во општина Росоман и градење на капацитеттие на локално на ниво за остварување на родова еднаквост и вклучување на жените од општина Росоман во креирање на политики на локално ниво – сегменти важни за целокупниот рурален развој на општината, станаа неминовни.