Трочањи и Плумб „неподобни“ да бидат европски комесари

72

Во Европскиот парламент денеска започнаа сослушувањата на идните европски комесари, кои ќе траат до 8 октомври.

Одборот за правни работи на Европскиот парламент одлучил дека Ласло Трочањи од Унгарија и Рована Плумб од Романија се неподобни да бидат европски комесари, напиша на Твитер член на одборот Тимо Велкен.

„Несомнена неправда, недостаток на транспарентност, јасно и намерно кршење на права и процедури и непочитување на основни принципи на демократијата, кои ме потсетуваат на време за кое мислев дека е минато“, наведе Трочањи во твитот на француски, англиски и унгарски јазик. Според неговите зборови, таа одлука нема да влијае „само на правниците и мислителите, туку и на поединците“.

„Споменатата одлука е само збир на лаги, неточни кратенки и тенденциозни амалгами“, напиша унгарскиот кандидат за ЕК. Тој навел и дека „нема друг избор“ па своите права ќе ги бара пред надлежниот суд.

Во Европскиот парламент денеска започнаа сослушувањата на идните европски комесари, кои ќе траат до 8 октомври. Според планот објавен на Твитер, Трочањи, како кандидат за проширување и соседство, требал да биде испитан во вторник на 1 октомври, а Плумб ден подоцна, на 2 октомври.

Одборот на Европскиот парламент претходно го отфрли предлогот на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, Ласло Трочањи да биде нов комесар за проширување и соседство, заради конфликт на интерес. Од истата причина е одбиена и кандидатката на Романија за европски комесар за транспорт, Рована Плумб.

Унгарскиот кандидат за комесар за проширување е спорен заради адвокатската канцеларија која ја основал пред да стане министер за правда, а за која рекол дека одамна нема врска со него, туку само го носи неговото име.

Рована Плумб е оспорена за кандидатура заради непријавени средства од блиску милион евра, кои наводно ги позајмила за финансирање на својата европска кампања, за која не доставила докази.