Тротоарите на улицата „Орце Николов“ ќе се ослободат од автомобили и бандери

215

Општина Центар ќе започне со реконструкцијата на улицата „ Орце Николов“, на потегот од булеварот „Климент Охридски“ до улицата „Франклин Рузвелт“, со воведување на нов сообраќаен режим (кружен тек и пешачки патеки), реконструкција на тротоарите и улично осветлување.

Како што информираше Кире Секуловски, раководител на Секторот за уредување на градежно земјиште, за заштита на животната средина и комунална инфраструктура во Општина Центар, станува збор за делница во должина од 1.020 метри.

Тој објасни дека реконструкцијата на оваа сообраќајница што ќе стартува од јануари идната година, ќе опфати отворање на нови џебови за паркирање по целата должина на улицата, со што ќе се создадат 75 нови паркинг-места, а тротоарите ќе се ослободат за пешаци, мајки со количка итн.

– Покрај тоа што тротоарите ќе се ослободат од автомобили, ќе се ослободат и од бандерите, со тоа што целата надземна инфраструктура ќе биде поставена под земја, активност што се одвива во моментов, како подготовка за реконструкцијата. Освен тоа, ќе се изградат велосипедски патеки во двете насоки, како и кружен тек на клучната раскрсница помеѓу „Аминта Трети“, односно по старо „Ленинова“ и „Орце Николов“ – информираше Секуловски.

Исто така, ќе се обликуваат двата постојни острови кои го раздвојуваат движењето на сообраќајот, едниот кај бараките на Општина Центар, додека другиот кај Министерството за одбрана. Покрај тоа, по целата должина на улицата ќе бидат поставени лед-светилки.

Според распишаниот тендер, заинтересираните фирми понудите треба да ги достават најдоцна до 21.12.2020 година во 10 часот, кога и ќе се спроведе нивното јавно отворање.

Според Секуловски, изборот на фирмата со најповолна понуда ќе биде извршен по Нова година, а потоа веднаш или на крајот на јануари ќе започнат градежните активности на терен.

Договорот со избраната фирма е во времетраење од 24 месеци, односно две години. Реализацијата на проектот ќе чини околу 77 милиони денари.

(А.П.)