-Сомнежот е основата на пишувањето. Постоеја периоди во кои предоминантно политиката се мешаше во книжевноста, затоа што политичките структури сакаа да бидат присутни, а потоа дојдоа модерни времиња во кои ми се чини дека книжевноста се турка во политиката. Сметам дека книжевноста е оаза која треба да ја зачува уметноста од политиката. Секако дека разликувам политички ангажман на писателите и на секој создател, но да не се дозволи литературата да се претвори во едно поле на слобода на политиката. Слободата постои во главата на писателот. Некако не сум уверен дека постои онаа генерална слобода, за неа страшно мораме да се бориме секој ден, но работата на писателот е тоа да го прави со добри книги – рече писателот и издавач Владислав Бајац на тркалезната маса што на тема „Литература/општество/критика“ вчера се одржа во Europe House Skopje, во рамките на 10. издание на фестивалот „Про-За Балкан“.

Тркалезната маса ја отвори основачот на фестивалот Дејан Трајкоски, кој најави голема и опширна тема која може да се разгледува од многу аспекти, а еден од нив е слободата. На тркалезната маса учествуваа сите гости на фестивалот – писатели, како и литературни агенти, уредници кои се дел од програмата „Скопје фелоушип“. На прашањето на модераторот Владимир Јанковски во контекст на слободата, хрватскиот писател Дамир Каракаш рече дека секој писател мора да каже за што се неговите книги, така што тој би рекол дека се за слободата и правдата и додаде дека се потценува улогата на читателите.

– Како што постојат добри и лоши писатели, постојат добри и лоши читатели. Добриот читател од просечна новела може да направи одличен роман, а лошиот читател да ја уништи. Причината што имаме сè помалку добри читатели е поради образовниот систем, како и новите медиуми кои се појавија. Она што порано беа библиите, сега се ајфоните. На луѓето сè им стана споро, бавно, а предноста на книжевноста е токму во нејзината бавност, истакна Каракаш.

За односот кон читателската публика и градење однос на читателите кон книгата се надоврза Катја Кац, издавач на книги за деца од Словенија, која рече дека литературата денеска мора да се натпреварува со другите медиуми кои им се поважни и подостапни на децата. – Со промоција на добра литература придружена со одредени дополнителни активности може да се градат читатели и да не ги губиме повеќе отколку што ги губиме сега – рече Кац.

По однос на тоа каква литература им нуди францускиот гигант „Галимар“ на своите читатели, Орор Туја нагласи дека после 91 година македонскиот јазик првпат влезе во листата на „Галимар“ и среќна е што успеала во тоа преку објавата на книгата „Мојот маж“ на Румена Бужаровска. – Без разлика од каде е и на каков јазик е напишана книгата треба да биде оригинална. Дел од работата на уредниците е да отворат порта кон нешто различно од тоа што го знаат и да научат за можните реалности во другите земји и пошироко. Но тоа не е целта на литературата, ами уметност. Нема рецепт, но бараме универзалност, без разлика од каде доаѓате. Само бараме уметност и знам дека не е фер оти имаме ограничен простор за објави – истакна Туја.

Словенечката авторка Броња Жакељ, пак, преку нејзината книга сакала да најде одговори на прашањата што ја мачат, но и како како општество се справуваме со гневот и болеста. – Општеството бара да си силен, позитивен, полн со волја, за да може да те поднесе. Односот кон ваквите прашања лежи во фактот на трагичноста на модерното општество. Некако ги изгубивме алатките со кои се справуваме со стравот од смртта. Можеби затоа што сме општество на разумот, а разумот е слабо оружје во борбата со смртта – заклучи Жакељ.

Трибината ја заокружи Томислав Османли кој истакна дека светот е многу тврдокорен и тврдоглав и дека авторите не можат да го сменат, но можат да го променат светот и свеста на еден дел од нивното читателство. Спасот од оттуѓениот свет во кој живееме го гледа само во фактицизмот на литературата.

– Ми се чини дека живееме во време на една колосална осаменост. Цивилизацијата денеска ја лачи колосалната осаменост на современиот човек. Најголемиот проблем на оваа цивилизација е дефакто отклонувањето од вистината. Оваа цивилизација не сака да се бави со вистината, неа ја владеат моќните, тие го детерминираат светот каков што тие го поимаат и практично го добиваме светот низ функцијата на медиумите како една раздробена реалност, изобличена мозаична слика во која недостасуваат многу камчиња од човечкиот мозаик. Нашата ренесанса допрва треба да се случи – рече Османли.

Синоќа во кафе-книжарницата „Буква“ беше одржан и разговор на Александар Прокопиев со Рајко Грлиќ. Хрватскиот режисер се осврна на периодот на снимањето на филмот „Караула“ (2004), во кој Македонија беше една од земјите копродуцентки. Тоа беше прв филм што земјите некогашни членки на Југославија го снимија по нејзиното распаѓање.

-Кога пишувате сценарио, тоа си има правила и сè што ќе видите на екран, треба да биде напишано во текстот. Со литературата не е така. Јас ја имав таа среќа, со секој нареден филм да имам слобода да избирам што ќе работам. Учев од мајстори на филмот – Душан Макавејев, Александар Петровиќ, Жика Павловиќ… Во тоа време кога почнаа да се забрануваат некои филмови, се случи трагедија на една култура. Да се прави филм не е лесна работа. Во наше време, фестивалите ни беа како вид услов за да можеме да ги убедиме дома дека треба да ни се пушта филмот во киносалите. Денес имам чувство дека на авторите не им е важна публиката, само фестивалите – рече Грлиќ.