Три сценарија за крајот на ЛШ и ЛЕ

125

Европската куќа на фудбалот (УЕФА) планира во август да го комплетира и годинашното издание од Лигата на шампиони и Лига Европа. Сепак, на 17. јуни ќе биде одлучено според кој формат ќе биде комплетирана завршницата од европските клупски натпреварувања.

Шпанскиот весник „АС“ тврди дека УЕФА има на располагање три опции, но таа класичната, со играње на реванш натпревари, е најмалку реална. И да се создадат услови за одигрување на натпреварите од нокаут фазата, што е тешко за верување затоа што има малку време, „АС“ тврди дека финалниот натпревар во Лигата на шампиони наместо во Истанбул, ќе биде одигран или во Лисабон или во Минхен.

Второто сценарио е да се организира Final Four на неутрален терен – нешто слично кое веќе постои во ракометната Лига на шампиони и во кошаркарската Евролига. Третото сценарио е да се организира Final Eight на неутрален терен кој ќе го одбере УЕФА.

Првичниот план е сите натпревари да бидат одиграни во август, а финалниот натпревар да биде на 29.08.2020 година. Само за потцетување, пласман во 1/4 финалната рунда од Лигата на шампиони веќе обезбедија тимовите на ПСЖ, Атлетико (М), Аталанта и РБ Лајпциг, а пласман во следната рунда ќе обезбедат и подобрите од реванш дуелите помеѓу Баерн (М) – Челзи (3:0 првиот натпревар), Барселона – Наполи (1:1), Манчестер С. – Реал М. (2:1), Јувентус – Лион (0:1).