Три светски реномирани компании во најтесен избор за најповолен изведувач на пречистителната станица

199

Изградбата на пречистителната станица крај скопско Трубарево се уште не е започната. Првично беше најавено дека ќе започне во 2020 година, потоа до крајот на 2021 година. Сега од „Водовод и канализација“ не прецизираат кога ќе започне изградбата, туку потенцираат дека фаза по фаза ќе биде објавувано се што е ново околу пречистителната станица.

– Сите активности се во согласност со утврдениот план за изведување на проектот. Во моментот во тек е тендерската постапка за избор на најповолен понудувач за дизајн и изградба и за најповолен понувач за надзор на ПСОВ – Скопје, на која учествуваат три светски реномирани компании, кои влегоа во најтесниот избор во текот на постапката за претквалификации – информираат од ЈП „Водовод и канализација“.

Оттаму додаваат дека потпишан е и договорот за грант од 1 милион евра со EBOR, а средствата се наменети за изведување на FOPIP анализа, односно анализа за подобрување на оперативните и финансиските перформанси за спроведување на големи инвестиции во претпријатието за чија изработка и спроведување за прв пат во нашата држава се ангажира реномиран консултант, германската компанија ДЕКОН.

– Дел од овој грант е наменет и за изведување на Студија за влез на вода и инфилтрација (Inflow and Infiltration Study), во рамки на еколошки – капиталниот проект за изградба на Пречистителната станица за третман на отпадни води – Скопје – одговорија од ЈП „Водовод и канализација“.

Пречистителна станица Скопје е една од најголемите инвестиции за инфраструктурен проект за заштита на животна средина во земјава, која трајно ќе го реши третманот на отпадните води во градот Скопје и ќе има големо влијание врз заштитата на животната средина.

(А.П.)