Три милиони евра од парите на скопјани ќе се потрошат за почист град

74

Со 186,2 милиони денари (3 милиони евра) ќе се подобрува животната средина во градот Скопје во текот на оваа година. Овие средства се за 30 насто поголеми од ланските 141 милион денари за оваа намена, со што се надминува ветувањето од 3,5% од вкупниот градски буџет посветен на животна средина дадено пред изборите во 2017 година. Ова на презентацијата на Програмата на активности од областа на заштитата на животната средина и природата на подрачјето на Скопје за 2019 година го изјави Никола Наумоски, шеф на кабинетот на скопскиот градоначалник.

– Минатогодишниот буџет за животна средина на Град Скопје беше дотогаш најголемиот буџет издвоен за оваа намена. За оваа година предвидовме за третина повеќе средства за оваа намена. Парите за изградба на пречистителна станица и за зазеленување на градот не влегуваат во овие 186,2 милиони денари и нивната реализација ќе се финансира од други сектори, рече Наумоски кој најави зелен кров на Градскиот трговски центар и отворени јавни понуди за субвенции за набавка на печки на пелети, за чистење на оџаците, за набавка на посовремени уреди, како топлотни пумпи, субвенции за приватните превозници…

Програмата за животна средина наиде на голем интерес кај присутните во салата на Советот на Град Скопје. Помошник-раководителката на Секторот за заштита на животната средина во Град Скопје, Љиљана Ончевска Наџинска информираше дека годинава ќе се работи на подобрување на квалитетот на воздухот, ќе се реализира и понатаму планот за подобрување на квалитетот на воздухот, а продолжуваат со мониторингот на подземните води, заштита на изворот Рашче и бунарите Нерези и Лепенец.

– Промената на начинот на живеење, миграцијата на жителите од другите градови и региони во Скопје, како и дневната миграција во Скопје, каде околу 50.000 возила секојдневно влегуваат во градот, негативно влијаат на квалитетот на живот во градот и се причина за големата сообраќајна гужва и големото загадување на воздухот, особено во зимскиот период. Конечно ќе се изработи картата за бучава. Тоа е една област во животната средина што досега беше запоставена. Многу средства се предвидени за заштита на биодиверзитетот, природното наследство, локалитетите кои се заштитени од Град Скопје, како и зачувување на здравјето и обезбедување благосостојба за граѓаните со повеќе проекти, рече Ончевска Наџинска.

(С.Бл.)