Три едукативни тури за ослободувањето на Скопје

104

Учениците од средните училишта на Град Скопје во три едукативни тури имаа можност да се запознаат со клучните настани и локации поврзани со ослободувањето на градот пред 75 години. Збирното место беше пред Музејот на илегалните работилници за оружје, на кејот на реката Вардар, а низ историските настани поврзани со ослободувањето на Скопје учениците ги водеше Бобан Ѓорѓиевски, професор по историја во СУГС „Кочо Рацин“.

– Присутните имаа можност да го разгледаат музејот сместен во некогашната работилница на електромеханичарот Серафим Видовски каде што е формирана првата илегална работилница за оружје во градот, а која работела од почетокот на август до 4 декември 1941 година, и да дискутираат за значењето на овој објект, за изложените експонати и за идејата за слобода – информираа од Град Скопје.

Како дел од турите, беа и посетите на Споменикот на деветте стрелани скопјани кај Камениот мост и кон плоштадот „Македонија“ каде што учениците дознаа нешто повеќе за улогата на плоштадот на денот „13 Ноември“. Турите завршуваа пред Споменикот на ослободителите пред зградата на Владата каде што се говореше за настаните поврзани со заземањето на некогашната Женска гимназија.