Три деца го загубија живот, во болница е и бремена жена по експлозија на плинска боца во кумановско Романовце

142

Во Ургентниот центар во Скопје се префрлени четворица пациенти, од кои двајца се во критична состојба и се префрлени на КАРИЛ со изгореници на поголема површина по телото, додека другите двајца се во тешка, но стабилна состојба на Пластична хирургија. Пациентите се од 30 до 54-годишна возраст, повредени како последица од експлозија на плинска боца. Кај пациентите преовладуваа повреди од изгореници на телото и тоа од 3 и 4 степен

Седуммина повредени во несреќата при експлозија на плинска боца во селото Романовце, Кумановско, во која загинаа три лица, вчера попладнето беа  донесени на Клиниките во Скопје. Тројца од нив се во животозагрозувачка состојба, информираат за МИА од Клиничкиот центар и Универзитетската клиника по хируршки болести „Свети Наум Охридски“ – Скопје.

Во Ургентниот центар во Скопје се префрлени четворица пациенти, од кои двајца се во критична состојба и се префрлени на КАРИЛ со изгореници на поголема површина по телото, додека другите двајца се во тешка, но стабилна состојба на Пластична хирургија.

– Пациентите се од 30 до 54-годишна возраст, повредени како последица од експлозија на плинска боца. Кај пациентите преовладуваа повреди од изгореници на телото и тоа од 3 и 4 степен, двајца од повредените се хоспитализирани на единицата за интензивно лекување и се во критична животозагрозувачка состојба и двајца пациенти се хоспитализирани на Клиниката за пластична хирургија, информираше за МИА директорот на Ургентниот центар д-р Илир Хасани.

На Универзитетската клиника по хируршки болести „Свети Наум Охридски“ – Скопје, како што информираше за МИА директорот, доктор Љубен Арсенков, се донесени тројца повредени во несреќата, од кои една жена е во животозагрозувачка состојба и со изгореници од трет степен. Во болницата се префрлени и една помлада бремена жена и дете на возраст од околу десет години, кои се со помал степен на изгореници и не се во критична состојба.

Министерот за здравство, Венко Филипче, ги посети повредените хоспитализирани на КАРИЛ. Министерот потврди дека на лице место животот го загубиле три деца, а според претходните информации станува збор за деца родени во 2009, 2011 и 2012 година.

– Двајца мажи на околу 60-годишна возраст се на Клиниката за пластична хирургија, а две жени на 40 и 45-годишна возраст се на одделот за интензивна нега на Клиниката за анестезија и реанимација, рече министерот.

– Од тројцата пациенти во старата Градска болница, една жена на 40-годишна возраст е во одделот за интензивна нега, има и помлада жена од дваесетина години, која е бремена, како и едно дете кое има мал процент на изгореници, додава Филипче.

Експлозијата настанала во 10 часот во куќата на Ш.А, во село Романовце, соопшти СВР Куманово. Од експлозијата на плинската боца настанал пожар во кој три лица починале на лице место.

Од противпожарната единица потврдија дека интервенирале за гаснење на пожар во куќа во Романовце. Кај нив пожарот бил пријавен во 10:10 часот, по што пожарникарите го гаснеле до 11:10 часот.

Несоодветното користење на плинските боци често предизвикува пожари во згради или куќи. Минатата година во август плинска боца за кафе опожари стан во зградата „папагал“ во Скопје. Во пожарот, за среќа немаше повредени, но изгоре станот во кој избувна пожарот, а неколку соседни станови беа оштетени.

Во средината на декември, лани, 24-годишник се здоби со изгореници од четврти степен, во пожар кој избувна околу 11 часот во станот каде што живеел на вториот кат од оваа висококатница во центарот на Тетово.

Пожарот избувнал откако во зградата експлодирала плинска боца во станот на повредениот. Останатите станари во паника поради густиот црн чад едвај се симнале, а неколкумина му помогнале на соседот да излезе од опожарениот стан.

Лицето во тешка здравствена состојба поради сериозноста на повредите веднаш е препратено на скопските клиники, и е под постојан лекарски надзор.

Пламените јазици не се прошириле во останатите станови, но поради густиот чад кој се ширел низ зградата 10 станари побарале лекарска помош откако се затруле.