Малечкиот внук Тони тогаш ме прашуваше: Бабо, зошто се тие свеќи пред нашата куќа? Плачев и низ солзи му зборев дека е тоа затоа што дедо му е починат. Знам дека Оливер и сега би бил најсреќен доколку би можел да знае дека сме безгрижно семејство кое меѓусебно се почитува и кое живее како целиот нормален свет. Тој засекогаш ќе остане капетан на нашиот брод, емотивно се присетува вдовицата Весна Драгојевиќ

Веста за смртта на Оливер Драгојевиќ, еден од најпопуларните и најомилените, но и најслушаните пејачи од Вардар па до Триглав, одекна како гром од ведро небо. Тој почина пред три години, токму во месецот јули, а ова лето по повод неговото физичко заминување, во неговата родна Вела Лука (на островот Корчула) ќе се одржат бројни рецитали на поезија со што на некој начин ќе се надополни празнината која постои откако Оливер замина на своето последно патување.

Големиот пејач почина од тешкиот облик на тумор, а на последните денови поминати со него се сеќава кој друг ако не неговата сопруга и неговата прва и последна голема љубов, Весна Драгојевиќ:

– И после три години се борам самата со себе. Уште ми доаѓа да го поканам на вечера. Последните неколку дена ништо не зборуваше, молчеше, како да знаеше дека му се ближи крајот. Човекот се гаснеше. Ето тоа е… само спиеше. Сите омилени јадења му ги подготвував секој ден, сите омилени песни му ги пуштавме да си ги слуша по кој знае кој пат. Сите во најтесното семејство се однесувавме со него како да ништо нема да се случи. Никогаш ни на крај памет не му зборувавме “сега е готово“, иако бевме свесни за тоа.

Ние сме навистина едно сложно семејство. Јас останав со децата и внуците, добро ми е со нив, а секако дека и снаите ми се добри. Никогаш за ништо не се расправаме, ниту имаме некои финансиски долгови, живееме повлечено далеку од медиумите. Жалам и денес што Оливер не го дочека доаѓањето на свет на нашето шесто внуче Марко. Малечкиот внук Тони тогаш ме прашуваше: Бабо, зошто се овие свеќи пред нашата куќа? Плачев и низ солзи му зборев, дека е тоа затоа што дедо му е починат. Знам дека Оливер и сега би бил најсреќен  доколку би можел да знае дека сме безгрижно семејство кое меѓусебно се почитува и кое живее како целиот нормален свет. Тој засекогаш ќе остане капетан на нашиот брод. Тоа е таа вистина, раскажа емотивно вдовицата на славниот пејач Оливер Драгојевиќ, кој и во Македонија и најмногу во Скопје имаше  успешни концерти.

Скопје го сакаше и поради добрата дружба со луѓето кои кон него биле одлични домаќини.  Ги обожуваше македонските вина и македонските традиционални јадења.    Со браќата Тавитијан го сними и видеото за македонската народна песна “Битола мој роден крај“ со што дефинитивно ги освои Македонците кои му се восхитуваа особено затоа што многу добро еден сплиќанец пее за Битола.

Во архивата на естрадата засекогаш ќе останат многубројните негови песни кои со текот на времето станаа евергрини: Скалинада, Опрости ми папе, Цесарица, Молитва за Магдалену, Вјеруј у љубав, Недостајеш ми ти, Романца, Мајко да ли знаш да је лудо волим ја, Кароца гре, Копакабана, Надалина, Пива клапа испо’ волта, Цвит Медитерана, Стине, Зашто све што је лепо има крај (од филмот “Национална класа“), Вагабундо, Потсјети ме што то беше љубав, Џелозија, А сад адио, Малинконија, Луце мала… и неговата безвременска песна “Галеб и ја“ со која иако не победи на “Сплитскиот фестивал“, Оливер стана најпрепознатлив.   Д.М. foto:Instagram