Триесетина кучиња на гозба на депонијата пред скопско Грушино

362

Ваква слика затекоа екипата на весникот „Вечер“, која денеска беше во обиколка на неколку диви депонии во околината на Скопје. Навртени на комуналниот отпад, фрлен на депонијата пред Грушино, кучињата лапаа и се оближуваа како да се на преполна трпеза. На стариот пат од Арачиново кон Куманово има неколку големи активни депонии кои горат и го загадуваат воздухот во скопската котлина. Од западната страна на Скопје, огромна депонија преполна со секакво ѓубре демне во непосредна близина на куќите во Визбегово

 

Триесетина кучиња-скитници се гостеа на депонијата пред патот кој води кон скопското село Грушино, на неколку километри од Арачиново. Ваква слика затекна екипата на весникот „Вечер“, која денеска беше во обиколка на неколку диви депонии во околината на Скопје. Навртени на комуналниот отпад фрлен на депонијата, кучињата лапаа и се оближуваа како да се на преполна трпеза.

На оваа депонија се собира ѓубрето од мештаните од околните села и од блискиот ресторан, кој е само половина километар од ова ужасно место. Не веруваме дека во потрага по храна кучињата скитаат по нивите кои се на неколку метри од ова ѓубриште туку доаѓаат од селата. Очигледно е дека овдека и досега наоѓале храна па затоа и се собираат во глутници, претураат по кесите и џвакаат од сметот, па потоа се враќаат по селата.

Ги фотографиравме одалеку од страв да не им ја нарушиме гозбата. Некои од нив лежеа со преполни стомаци, а некои од на нога љубопитно нè гледаа нас и уште еден ревносен собирач на пластика, кој со ракавица буричкаше по ридовите ѓубре.

– Немаме проблеми со кучињата, тие си бараат храна, ние собираме пластика, а тие пластика не јадат, па не сме им конкуренција – ни рече младото момче кое истакна дека депонијата била исчистена пред 4-5 месеци, а сега е повторно полна со секаков отпад.

Покрај стариот пат од Арачиново до Куманово има уште неколку депонии. На неколку километри пред Никуштак е огромна депонија која гореше и се ширеше неподнослива миризба. Над депонијата беше надвиснат сивкасто-бел чад, кој ветерот го буткаше кон скопската котлина. Набрзина направивме фотографии и заминавме од ова ужасно место преполно со се и сешто.

А и од двете страни по патот до Куманово на повеќе места забележавме фрлен градежен шут, стари каучи, фотелји, машини за перење, бојлери, јамболии, стара облека, искористени памперси, па дури и кесички со смоки со поминат рок.

Освен овие ѓубришта на отворено, голема депонија која постојано гори и го загадува воздухот има и пред селото Умин Дол, но и кај село Орланци, кое е во близина на Арачиново.

Огромна депонија има и во непосредна близина на куќите во село Визбегово, поточно од двете страни на патот кој води до Горно Оризари. Оваа депонија која е контејнер за мештаните од овие населени места го загадува Скопје од западната страна.

Овде на огромна површина е распослано секакво ѓубре. На секој кој нешто дома не му требало или му се расипало, како кади, искористени автомобилски гуми, школки од возила, звучници, ролетни… си го фрлил на депонијата. И ич не им е гајле, што ѓубрето им е буквално во дворовите. Прашавме неколку мештани дали им смета депонијата. Само ги креваа рамениците и се правдаа дека не се од тука. Еден ни рече дека депонијата лани била исчистена, ама навиките на жителите им останале.

Буквално до депонијата видовме и двокатна куќа во градба, па по она што го видовме, единствено ни остана прашањето и потоа констатацијата – кој сака овде да живее, тој си знае!

(С.Бл.) – Фото: Ѕ. Плавевски