Третото зголемување на бројот на корона позитивните ќе трае до 5 јули?

Универзитетските професори Борче Треновски и Кристијан Кожески презентираа генерални податоци и определени пресметки за трендовите на движење на бројот на заболени од ковид-19. Предвидените вредности индицираат на фактот дека во наредниот период (до 5 јули) се очекува трето зголемување на позитивните лица на ковид-19. Олеснителна околност, според нив, е што предвидениот пораст на позитивни случаи, во споредба со претходните, ќе биде од полесен карактер

3418

Бројот на новозаболени од ковид-19 во земјава и натаму останува троцифрен. Во саботата беа регистрирани нови 150 заразени, 30 оздравени и дури девет починати лица, а слични резултати се очекуваа и во вчерашниот извештај кој до затворање на весникот официјално не беше објавен. Скопје останува со најмногу заразени, со тоа што завчера во градот беа регистрирани нови 93 случаи. Што се однесува до активните случаи по општини во Скопје, во Чаир повторно беа регистрирани најмногу заболени, и тоа дури 421 пациент, потоа следува Аеродром со 147 новозаболени, во Бутел – 137, Гази Баба – 151, Центар – 127.

И покрај зголемената бројка на заболени, министерот за здравство Венко Филипче оцени дека во моментов нема индикација за воведување дополнителни рестрикции во движењето. Вториот бран е со поголем интензитет од првиот, но според Филипче, ситуацијата добро се менаџира, а здравствениот систем има капацитет да ги прими сите пациенти. Располага со доволно болнички кревети и со доволно кадар – лекари и медицински сестри.

-Еден од главните критериуми врз на кои се проценува дали и какви мерки треба да се воведат е капацитетот на здравствениот систем – број на слободни болнички кревети и кадар, што ние засега добро го менаџираме. Има сосема доволно и кревети и лекари и медицински сестри. Не постои друг принцип врз основа на кој би се вовеле некакви мерки, освен овие на кои се темелат и нашите политики и препораки, подвлече Филипче.

Универзитетските професори Борче Треновски и Кристијан Кожески, пак ги анализирале трендовите на движење на бројот на заболени од ковид-19 и презентираа генерални податоци и определени пресметки за кои, според движењето и интензитетот на пандемијата во државава, велат дека се јавуваат во три одделни периоди. Во април каде што може да се констатира дека на почетокот на месецот се забележува отстапување од просекот на лица позитивни на ковид-19 – оваа тенденција го ослабува својот интензитет во втората половина на месецот. Потоа, на почетокот на месец мај кога се забележува мало отстапување во интензитетот на пандемијата, кое споредено со интензитетот на претходниот период може да се смета за контролирано и третиот период го карактеризира почетокот на месец јуни. Имено, почнувајќи од месец јуни процентот на позитивни лица во однос на дневниот број на тестирани лица бележи остар нагорен тренд, за на средината на месец јуни да биде забележан досега највисок процент на ковид-19 позитивни лица (20,8% од дневните тестови на ковид-19 примероците се позитивни).

Според односот помеѓу вкупните позитивни случаи и вкупниот број спроведени тестирања, универзитетските професори го предвидуваат и идниот однос позитивни случаи во однос на тестирани.

-Предвидените вредности индицираат на фактот дека во наредниот период (до 5 јули) се очекува трето зголемување на позитивните лица на ковид-19. Олеснителна околност е што предвидениот пораст на позитивни случаи, во споредба со претходните ќе биде од полесен карактер. Резултатите од анализата исто така покажаа дека доколку бројот на тестирања се зголеми за 10%, бројот на лица позитивни на ковид-19 ќе се зголеми во просек за 12,8% во периодот до 5 јули 2020 год. Доколку пак во пресметката го изземеме месец февруари и се задржиме на односот во месеците март, април, мај и јуни ваквиот процент ќе биде уште повисок и ќе изнесува 13,5%, велат универзитетските професори.