Третоодделенци од ООУ „Лазо Трповски“ со признанија по повод Светскиот ден на детето

26

Четворица третоодделенци од ООУ „Лазо Трповски“,  Дамјан Симески, Јосип Радетиќ, Лара Јакимова и Петар Ѓорѓиев предводени од одделенската наставничка Дијана Петроска и предметниот наставник Стефан Симовски се вратија со признанија од 25 меѓународен ликовен натпревар „Пријатели на мирот 2022“ во Њујорк.

Натпреварот е организиран по повод 20 ноември – Светски ден на детето, востановен од УНИЦЕФ, а ликовните творби и на учесниците ООУ „Лазо Трповски“ ќе бидат изложени на светската изложба што ќе се одржи на почетокот на следната година во САД.

Во овој глобален проект со свои ликовни творби годинава учествуваа 4.540 деца од 77 земји.

Темата на годинашниот ликовен натпревар кој традиционално се одржува во Њујорк под покровителство на УНИЦЕФ беше „Да владее мир на Земјата“.

Целта на овој глобален проект кој изминативе 25 години се реализира во 116 земји под покровителство на УНИЦЕФ е поттикнување на свеста кај децата ширум светот на возраст од 5 до 16 години за креативно изразување. Оваа меѓународна програма има за цел да ги охрабри децата преку креативни активности да бидат посветени кон промовирање на мирот и да создаваат иднина во која ќе владеат хармонија и меѓусебно разбирање.