Tрета снимка од аферата Рекет: Боки 13 преговара со обвинетиот Камчев

257

Трето продолжение од серијалот за аферата „Рекет“ е објавено во дигиталното издание на италијанскиот весник „Ла верита“. Во објавените снимки повторно се слуша гласот кој наводно е на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.

Во едниот разговор помеѓу обвинетиот во предметот „Империја“ Орце Камчев и Бојан Јовановски-Боки 13, најверојатно на интерфон е вклучен трет соговорник. Орце Камчев му кажува на Боки 13 дека му треба пасошот за „да оди до Турција да заврши некоја работа’.

Женски глас, кој се слуша по интерфон вели: „Другото јас сè го држам под контрола“, на што Боки 13 одговара: „Не, он се плаши од Лиле“, на што Камчев возвраќа: „Не се плашам бе!“, по што женскиот глас додава: „Многу сум ангажирана затоа не ја држам така редовно под контрола, инаку без мене она не може ништо“.

Најверојатно станува збор за обвинителката Лиле Стефанова која го води случајот на СЈО „Империја“.

Потоа во друга снимка, Камчев му се јавува на Бојан 13 и се жали дека СЈО пуштило покани за 8 души, меѓу кои „братот на Ана“ (најверојатно братот на сопругата, н. з.), „Миро, МПМ“. Од другата страна на линијата Боки 13 е заедно со некое женско лице и ја прашува, а таа објаснува дека тие се сведоци, а не осомничени.

 

Потоа Бојан му објаснува: „Подобро заради постапката за да пројде сè за на крај да биде силна спогодбата“, на што повторно го прашува женското лице: „Имаш нешто да додадеш?“, а таа одговара: „За малку активности да има во април“.
Орце Камчев додава: „Добро, значи техничко прашање, така?“, а Боки 13 одговара: „Така е!“, на што Камчев дополнува: „Шминка, шминка…“
Боки 13 во разговорите со Камчев постојано ја истакнува својата блискост со премиерот и му ја гарантира на Камчев неговата поддршка, пишува „Ла верита“ и објавува слика од Инстаграм профилот на Боки со Зоран Заев.