Трета на Палевски се придружи на Глас на Солза-се окрупнуваат ли малите партии?

186

Промена на изборниот систем, финансирањето на политичките партии, и медиумското претставување на политичките партии во изборниот период, била тема на разговор на средбата на претседателката на политичката партија Глас за Македонија, Солза Грчева, со македонскиот претседател Стево Пендаровски. Претседателот го повторил својот став дека дава поддршка на иницијативата на неколку политички партии, доставени до него во изминатиот период за изборниот модел преку измена на Изборниот законик.

– Претседателот Пендаровски смета дека демократскиот развој, еднаквоста, владеењето на правото, и правото на фер и слободни избори, се важен фактор за европските интеграции на државата, а во функција на просперитетот на Република Северна Македонија, стои во соопштението од кабинетот.

По средбата, во јавноста одекнаа бурни реакции, бидејќи партијата на Грчева беше дел од блокот „Бојкотирам“ за претседателските избори. Ова беше причина претседателката на „Глас“ да се огласи на „Фејсбук“. Таа напиша:

„Борбата за промена на Изборниот законик мора да ја водиме. На Македонија ú е потребен трет блок. Без измени во изборниот модел, финансирањето на партиите и медиумското покривање, сакаат да нè снема! Очекувам поддршка и од други политички партии кои би биле во составот на третиот блок.!“

Сакате враќање на името и на атрибутите на македонскиот народ?

Очекувате тоа да го направат овие кои продадоа се, изведувачот со подизведувачот?

Знаете дека во секој изборен циклус, иако гласаат, над 100.000 граѓани немаат свој претставник во Собранието? Ова е неправда.

Ако ви се јасни овие работи, треба сите заедно да бараме промена во изборниот модел (една изборна со отворени листи), скромно финансирање на сите партии (а не со баснословни суми со кои купуваат гласови) и еднакво медиумско претставување.

Ако сте за ова погоре, речете му благодарам на Глас за Македонија кој ја почнува оваа тешка и неизвесна битка против оние кои сложно си го прават Изборниот законик за да владеат бесконечно.

За ова одлучува ДИК, претседателот и сите парламентарни партии. Кај сите сме испратиле писма и ќе одиме и ќе го бараме ова. Не да молиме туку да испорачаме барања!

Тажно е што некои од неразбирање, а некои од партиска заслепеност не ја ценат или не ја разбираат оваа наша битка.

А нормално ви е да се среќаваат „лидерите“ со Хан, Рикер и да се мајмунираат по амбасади? – објасни Грчева на социјалните мрежи.

Истовремено, претседателката на Глас за Македонија најави окрупнување на партиите од центарот и официјално објави дека Трета на Љупчо Палевски и официјално влезе во Глас за Македонија под мотото Заедно напред за трета опција.

Палески, пак напиша:

„Сите ние останатите, мнозинството големо, како никогаш до сега големо, во моментов ја имаме големата шанса освестени и експресно брзо организирани да ги казниме, да ги поразиме. Една година пред парламентарните избори, актуализирање на изборен закон и списоци, направи нервоза, која фолклористиве на Грујица во хистерија ги фрли, јааа мајката, ахахаха браво, браво комити, овој пат на време сме подготвени, нема овој пат пак на спиење да фаќате, неее.“