Според професорот д-р Драган Даниловски, пристапот за давање на трета доза кај вакцинираните граѓани уште од старт е погрешен, бидејќи не се пристапи индивидуално, туку шематски. -Мислам дека индивидуалниот пристап требаше да биде усвоен, секој што прележал или поминал две дози, да се тестира и да се види колку му се антителата, особено оние што се вакцинирани со овие помалку имуногените вакцини, ама ете се отиде вака шематски – појаснува д-р Даниловски.

Досега во Македонија над 230 лица се вакцинирани со трета доза од вакцината фајзер, од кои најголемиот дел се здравствени работници, бидејќи тие први во земјава се вакцинираа и досега само кај нив се поминати шест месеци од ревакцината. Стартот на таканаречената бустер доза на вакцини предизвика многу различни размислувања од страна на нашите епидемиолози и инфектолози.

Искусниот епидемиолог, професорот д-р Драган Даниловски, смета дека давање на трета доза кај вакцинираните граѓани уште од старт е погрешен, бидејќи не се пристапи индивидуално, туку шематски. Тој појаснува дека оние лица кои се имунизирале со вакцините од кинеските производители кои развиваат помал број на антитела, требало државата за нив да обезбеди тестирање на антителата три недели по примена втора доза. На тој начин смета професорот д-р Даниловски тие ќе можеле да примат трета доза доколку не го развиле потребниот имунитет.

-Мислам дека индивидуалниот пристап требаше да биде усвоен, секој што прележал или поминал две дози, да се тестира и да се види колку му се антителата, особено оние што се вакцинирани со овие помалку имуногените вакцини, ама ете се отиде вака шематски – појаснува д-р Даниловски.

Професорот во својата последна колумна „Кучињата лаат, карванот си врви“!? реагира и на тоа што нема национални протоколи за лекување на ковид-19, што според него е и причина за високата смртност од коронавирусот. Според него, некои колеги тврдат дека протоколи за лекување на ковид имаме, па тој прашува зошто ако постојат не се јавно објавени“.

– Ако постојат, зошто не се објавени јавно? Дали во нив, покрај другото, пишува дека антибиотиците се столб на антиковид терапијата? Ако пишува, искинете ги веднаш! Зошто? Затоа што во ниту едно единствено упатство во било која држава во светот, како и она на Светската здравствена организација и Националните институти за здравје во САД, антибиотиците не се спомнуваат – освен во случај на појава на бактериска пневмонија – вели меѓу другото д-р Даниловски во колумната.

Забелешки на начинот на кој се пристапи кон имунизација со трета доза има и пулмологот д-р Злате Мехмедовиќ, кој истовремено го претпочита и со ставот на СЗО каде велат дека ако две дози се примени од ист производител, третата исто така треба да биде од тој производител, не треба да се менува.

-Во моментов се работи на едно испитување кое треба да потврди дали мешањето на вакцините е возможно и дека нема да има негативни ефекти врз безбедноста и ефикасноста на вакцините. Оваа студија е во две фази, првата е завршена, а сега ќе се работи на завршување на втората фаза. Резултатите се очекуваат во следните недели, а додека не бидат готови најдобро е да се аплицираат бустер дозите на Фајзер на ревакцинираните со Фајзер. Доколку потоа се потврди безбедноста и на мешањето на вакцините, тогаш да се примени бустер дозата – објаснува за весникот ВЕЧЕР, д-р Мехмедовиќ.

Искусниот епидемиологот д-р Александар Стојанов, кој долги години беше директор на Центарот за јавно здравје-Скопје како експерт за вакцинација, вели дека лицата што ќе примат трета доза можат во исто време да се вакцинираат и од сезонски грип. Тој исто така смета дека со трета доза можат да се вакцинираат и помлади лица, а не само над 60 години.

Имунизацијата, според него, е единственото решение да се биде спремен кога ќе почнат инфекциите да може да е подготвен организмот за сезонската инфлуенца.

-За трета доза вакцина за ковид-19 дефинитивно сум „за“. Не мора да сте постар од 60 години или да сте од ризичната група, секој што поминал 6 месеци од ревакцината може да прими трета доза. Од вакцината само бенефит можете да имате, не може да ви наштети – вели д-р Стојанов за весникот ВЕЧЕР .

Нова анализа на професорот по математика Трајковски :Бранот на епидемијата сега е највисок во Куманово и Скопје

Познатиот професор по математика Дејан Трајковски, кој повеќе од една година подготвува математички анализи за присуството на ковид-19 во земјава, во својата најнова ковид-анализа која е објавена на неговиот ФБ-профил, констатира дека поголем опфат со вакцинација нужно не значи помала инциденца на заразување.

-Поголемиот опфат со вакцинација резултира само со приближно 23% намалување на ризикот од заразување. Но, ефективноста против смртен исход е сè уште прилично висока, со околу 89% намалување на шансите за смртен исход во однос на невакцинираната популација, пишува професорот Трајковски.

Тој сподели и дијаграм, од кој може да се заклучи дека повеќе вакцинираните општини имале (или дека ќе имаат) помала инциденца на заразување.

-Дијаграмот ни покажува дека моментално бранот е во тек во Куманово, започнува во Скопје, следно е Кавадарци, па дури ни Гевгелија нема да биде поштедена, иако овие последниве две општини имаат прилично висок опфат со вакцинација, анализира Трајковски.

Професорот предупредува дека нема да бидат поштедени од заразување со вирусот ниту градовите каде се имунизирани и 60 отсто од возрасното население, но вели, во тие градови стапките на хоспитализираност и морталитет би требало да бидат пониски.
Тој прави споредба со истиот период лани кога почнуваше вториот бран од ковид-19 во земјава кога бројката забрзано растеше, тој смета дека овој пат таа ќе има константен раст и линијата нема да се искачи високо.

(В.Ма.)