Тренчевска: Само преку информирање на граѓаните можеме да ја вратиме довербата во системот

30

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска претседаваше со Советот за следење на состојбите во пензискиот систем на кој беа присутни претставници од Министерството за финансии, МАПАС и Здруженијата на пензионери. На седницата на советот се разговараше за даночните реформи и придобивките од вториот и третиот пензиски столб. Исто така беше презентирана и Анализата на тековните состојби во капитално финансиското пензиско осигурување изработено и презентирано од страна на МАПАС.

-Она што сакам да го отвориме како прашање е информирањето особено на најмладите членови за функционирањето на пензискиот систем. Да бидат информирани за тоа каде одат нивните парични средства и да бидат сами способни да се изразат каде сакаат да членуваат. Само преку вистински информации можеме да ја зголемиме довербата на граѓаните во системот, рече Тренчевска.

Таа посочи дека секој еден кој што е дел од пензискиот систем треба да може и да умее сам да го разбере „зелениот плик“ а не тој да биде само формален дел од информирање на граѓаните во државата.

Од МАПАС и од Здруженијата информираа дека средства за кампањи се одделуваат на годишно ниво и дека во однос на зголемувањето на едукацијата и знаењата на граѓаните има напредок, меѓутоа посочија дека тоа е процес кој што е долготраен. Претставниците се осврнаа и на потребната едукација на студентите и средношколците.

Соодветно на презентацијата за предлог даночните реформи од страна на претставничката од Министерството за финансии , Министерката Тренчевска побара да бидат доставени до Министерството за труд и социјална политика предлози и мислења во писмена форма кои дополнително ќе бидат разгледани и дискутирани на наредните седници на Советот за следење на состојбите во пензискиот систем.