Тренчевска на средба со две семејства од Штип кои ги користат социјалните мерки за грижа на ранливите категории

41
Министерката за труд и социјална работа, Јованка Тренчевска денеска се сретна со семејствата Анастасови и Зејнелови од Штип, корисници на социјалните мерки за грижа на ранливите категории, информираат од Министерството.

– Грижата за нашите граѓани кои се наоѓаат во социјален ризик е наш приоритет. Системот на социјална заштита во државата има капацитет да го згрижи секое семејство, секое лице, кое ќе се најде во социјален ризик, изјави Тренчевска по средбата.

Според министерката, социјалните мерки за грижа на ранливите категории, кои ги користат семејствата, покажуваат дека Владата и МТСП го постигнуваат она за што се залагаат, а тоа е корисниците на социјалните права и услуги да имаат побезгрижни денови исполнети со спокојство.

– Ние како Влада и како Министерство ќе продолжиме во изнаоѓањето на нови мерки за да можат овие семејствата да се вклучат на пазарот на трудот, изјави Тренчевска.

Таа додаде дека со новиот Оперативен план за 2022 година Владата обезбеди мерки за лицата кои користат ГМП и за невработените лица, бидејќи тие придонесуваат трајно излегување од оваа категорија затоа што корисниците преку вклучување на пазарот на трудот си обезбедуваат сопствената егзистенција.