Дадов сè од себе, јас сум војник, но не ги чувствував нозете и знаев дека тоа е заради мојот костим со кој влегов во рингот, премногу беше тежок, беше оправдувањето на американскиот боксер Дионтеј Вајлдер по нокаутот од Британецот Тајсон Фјури. Но, оваа приказна не завршува тука, туку со отказот на неговиот тренер кој го спаси од потешки повреди.

Одамна зборувавме за тоа и се договоривме дека не постои ситуација во која треба да се фрли пешкир. Тоа е работа на принципи. Јас сум шампион и сакам да излезам на своето бојно поле, луто изјави Вајлдер по губењето на ВБЦ титулата.

Најмногу го боли што ова му е прв пораз во кариерата и тоа што остана без титулата по цели пет години. А ако не му оди она како што му одговара нему и како што ќе каже тој, тогаш има и последици. Тоа прв го почувствува тренерот Марк Бреленд.

Тој во седмата рунда го фрли пешкирот во рингот, а Вајлдер затоа му даде отказ. Поранешниот светски шампион сакал да оди до крај, па дури и ако требало да биде изнесен на носилка. Но Марк видел дека неговиот боксер не е баш во најдобра форма и затоа ја прекинал борбата.

Во рингот доби предупредување заради пасивност, едвај се движеше, а Фјури немилосрдно го тепаше. Крвареше од устата и увото, постоеше можност да заврши и со потешки повреди. Ова го прекина неговиот тренер кој беше награден со отказ.

Но ова не е последна борба меѓу овие двајца боксери, бидејќи Американецот ќе ја искористи клаузулата за реванш и до крајот на годината уште еднаш ќе се сретнат во рингот.