Трајковски: Пожарот кај Пасјак e под контрола

48

Пожарот кај месноста Бејаз Тепе во близина на селото Нов Истевник во делчевско-пехчевскиот регион е ставен под контрола во однос на опасноста за опожарување на блиските куќи кај маалото Пасјак.

Ова во поладневните часови го истакна делчевскиот градоначалник Горан Трајковски кој повеќе од 20 часови е присутен на терен и ги координираше работите заедно со сите вклучително и Армијата од утрово активно го гаснат пожарот кој избувна вчера напладне и е еден од поголемите пожари кој е забележан на подрачјето на овој регион.

– Веќе втор ден сме овде, сега засега го држиме пожарот под контрола, за да нема штета врз куќите во близина на маалото Пасјак како дел од селото Нов Истевник. Она што можам да го кажам во моментот е дека пожарот е од огромни размери. Со сите ресурси кои ги имаме овде, пред се човечки ресурси, но и другите средства за локализизирање пожар, не верувам дека ќе можеме да ставиме целосно контрола на овој пожар од кој е зафатена дабова и борова шума во површина од 400 хектари. Ќе повторам ова е огромен пожар кој мислам дека за прв пат се случува во Општина Делчево, истакна Трајковски.

Како што додаде делчевскиот градоначалник, огромна ќе биде поддршката од  Државниот кризен штаб која е најавена во насока на поддршка за успешно справување со пожарот, вечерва како што дополни дежурни екипи остануваат на терен

– Во постојана комуникација сме со министерот Оливер Спасовски кој прави напори да можат да дојдат хеликоптери, со што верувам дека некако ќе ставиме крај на овој пожар. Вечерва овде ќе има екипи за заштита на населението, сето она што беше изнемоштено население беше евакуирано во текот на вчерашниот ден. Имаме овде противпожарна единица која заедно со дел од Армијата, комуналното претпријатие, вработени во локланата самоуправа, Просторните сили и други кои пружаат огромни напори, со средства со луѓе, ќе го спасиме селото, додаде Трајковски.

Трајковски го повтори апелот до граѓаните да не се движат низ шумските подрачја без дозвола, заради лична безбедност и спречување натамошно ширење на пожарите кои поради високите температури и ветерот има огромна можност од појава на нови пожари.