-Дневните броеви на нови ковид случаи беа во постојано намалување после врвот, постигнат на 24 јануари. Меѓутоа, последниве денови како да доаѓа до застој во намалувањето.  Овие загрижувачки знаци, смета професорот Дејан Трајковски ,  можеме да ги толкуваме со преодното заладување на времето, поминувањето подолго време во затворени простории, со осмомартовските прослави, но исто така и со можното пристигнување на нови соеви на корона вирусот. Последниве денови потсојот BA2 на омикрон сојот стана доминантен, со преку 60% учество, односно постепено го истиснува изворниот потсој BA1. Засега изгледа дека тоа не би требало да предизвика поголеми проблеми поради високиот степен на колективен имунитет кај населението во Македонија кон омикрон сојот, смета Трајковски

 

Пандемијата во  Македонија, полека но сигурно стивнува, на што укажува секојдневно намалување на бројот на новозаразени  и заболени, а драстично е намален и бројот на смртни случаеви. Но, во изминативе неколку дена, судејќи според официјалните бројки, бројот на заразени со корона вирусот,  стагнира, а во исто време во повеќе европски држави, повторно нагло букна бројот на заразени.

-Дневните броеви на нови ковид случаи беа во постојано намалување после врвот, постигнат на 24 јануари. Меѓутоа, последниве денови како да доаѓа до застој во намалувањето.  Ќе почекаме уште неколку дена, но изгледа како да сме дојдени до минимумот, вели професорот Дејан Трајковски, кој математички прецизно ја анализира сотојбата со ширењето на корона вирусот во земјава од почетокот на пандемијата.

Според најновата анализа на професорот на застојот укажува и ефективниот репродукциски број кој што после подолго време се приближи кон единица, односно кон проста репродукција на бројот на новозаразени. Дури и стапката на позитивни тестови, која што сé досега стабилно се намалуваше, последниве денови започна да покажува знаци на застој .

Овие загрижувачки знаци, смета професорот ,  можеме да ги толкуваме со преодното заладување на времето, поминувањето подолго време во затворени простории, со осмомартовските прослави, но исто така и со можното пристигнување на нови соеви на корона вирусот. Последниве денови потсојот BA2 на омикрон сојот стана доминантен, со преку 60% учество, односно постепено го истиснува изворниот потсој BA1. Засега изгледа дека тоа не би требало да предизвика поголеми проблеми поради високиот степен на колективен имунитет кај населението кон омикрон сојот.

Како што слушнавме деновиве, вели Трајковски, според прелиминарните резултати од минатомесечниот скрининг на антитела, пронајдени се антитела кај околу 80% од тестираните. Ваквиот висок процент многу веројатно не се должи само на неодамнешната прележаност на омикрон сојот, бидејќи од неговото пристигнување во земјава лабораториски се потврдени само околу 30.000 нови случаи на ковид 19. Многу поверојатно е дека се работи за суперимунитет од двојно прележување или пак хибриден имунитет од вакцинирање и прележување, како и од тројно вакцинирање. Во овој случај, антителата остануваат многу подолго, според странски моделски истражувања (објавени во списанието „Нејчер“) просечно 17 месеци кај 50% од лицата со суперимунитет. За споредба, од еднократно прележување траат само околу 4-5 месеци. Така, постојат големи шанси голем дел од нашето население да биде заштитено најмалку уште една година дури и од заразување, а од тешка форма на болеста веројатно и многу подолго. Без хибридниот имунитет и помошта на вакцините, веројатно тоа не би го постигнале толку бргу.

Тоа би биле добрите вести, односно само врз основа на проценките на прележаноста и формата на епидемиолошките криви не би требало да очекуваме скорешно големо избувнување, смета професорот Трајковски.

Сепак, ако ја оставиме на страна сегашната смирувачка ситуација кај нас, во неколку европски земји забележуваме ново разгорување на епидемијата и тоа не ни дава мир. Големо избувнување забележуваме во Австрија, Швајцарија, Холандија и Германија, а почеток на избувнувањето гледаме уште и во Словенија, Франција, Белгија и Велика Британија. Тоа се големи западноевропски земји и брановите на епидемијата во Европа во последно време започнувале токму оттаму, додека во Македонија обично пристигнувале подоцна.

Во Европа веќе има извесен број случаи од најновиот „делтакрон“ сој, хибрид на делта и омикрон сојот, за кого до скоро се сметаше дека не можел да постои, но гледаме дека сепак можел. Тоа не беше нешто неочекувано, затоа што големиот број на инфицирани луѓе во светот многу ја зголеми веројатноста за појава на нови соеви.

Во наредните 10-15 дена во Македонија не би требало да дојде до голем пресврт, односно потребно е извесно време намалувањето на дневните бројки целосно да сопре, а потоа евентуално полека да започне да расте. Затоплувањето на времето, меѓутоа, можеби може да го поништи ова сценарио, смета професорот.

-За разлика од минатата година во овој период од годината, кога прележаноста изнесуваше одвај околу 30%, кога бев речиси 100% сигурен дека ќе имаме избувнување на бран на делта сојот, сега шансите за нов бран ги проценувам на околу 60%. При тоа, поради високиот степен на колективен имунитет на досегашните соеви, како и поради доаѓањето на пролетта не очекувам да видиме поголемо избувнување. Веројатно ќе се инфицираат само непрележаните и невакцинираните, чиј број секој ден станува сé помал. Во секој случај, идните бранови, доколку ги има, би требало да бидат се послаби и со сé помалку жртви, вели професорот Трајковски. (В.М.Б.)

 

 Во Израел откриен досега непознат сој на коронавирусот

 

Министерството за здравство на Израел  објави дека во земјата се откриени два случаи на зараза  со досега непознат сој на коронавирусот.

Новиот сој е комбинација на доминантната омикрон подсој БA.1 и друг подсој БA.2, кој предизвикува благи симптоми, без покачена телесна температура, со болки во мускулите и главоболки и не бара посебен третман.Според израелското Министерство за здравство, овој сој сè уште не е познат во светот, а откриен е со ПЦР тестирање на патниците на меѓународниот аеродром Бен Гурион, Тел Авив.