Трамп преку Твитер го разреши одговорниот за кибер безбедност

41

Претседателот на Соединетите Американски Држави , Доналд Трамп, го смени директорот на Федералната агенција, Крис Кребс, откако тој изјави дека претседателските избори во 2020 година се одржани во согласност со законите и прописите.

Трамп на Твитер објави дека го отпуштил Крис Кребс, директор на Агенцијата за кибербезбедност и безбедност на инфраструктурата (CISA) при Одделот за национална безбедност. Тој, исто така, додаде дека е неточна неодамнешната изјава на Кребс, со која потврди дека изборите биле регуларни.

„Неодамнешната изјава на Крис Кребс за безбедноста на изборите во 2020 година беше крајно неточна бидејќи имаше огромни нерегуларности и измами – вклучително и гласање на мртви лица, на набљудувачите не им беше дозволен влез во избирачките места, имаше пропусти со гласачките апарати што ги пренасочија гласовите на Трамп кон Бајден и многу други“, наведе Трамп.

Агенцијата за кибер безбедност и безбедност на инфраструктурата неодамна соопшти дека претседателските избори биле регуларни.

„Изборите одржани на 3 ноември беа најбезбедни во американската историја. Нема докази дека некој гласачки систем ги избришал или изгубил гласачките ливчиња или дека на кој било начин бил компромитиран“, се наведува во соопштението.

Според неофицијалните резултати на американските претседателски избори одржани на 3 ноември, победата ја однесе демократскиот кандидат Џо Бајден. Меѓутоа, актуелниот претседател и републикански кандидат Трамп тврди дека на изборите биле забележани „измами“ и дека победник е тој.