Трамп: Лидерите на Србија и Косово се прегрнуваа во Белата куќа

44

Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека лидерите на Србија и Косово се прегрнувале во Белата куќа и дека било прекрасно да се видат во таа ситуација, кога постигнале договор за нормализирање на економските односи.

На предизборниот митинг во сојузната држава Пенсилванија, Трамп повторно зборуваше за неговото посредување меѓу Србија и Косово, како и меѓу Израел и арапските земји, потенцирајќи пред гласачите дека тој носи мир на конфликтните страни и ги критикуваше водечките американски медиуми дека не известуваат за тоа.

„Косово и Србија се убиваа многу години, тие само се убиваа, не се сакаат, како Израелците и Палестинците. Ние тргуваме со двете страни, така што имаме одредена моќ. Им реков, ајде да склучиме договор и да создадеме економски мир и мир воопшто. Дојдоа во мојата канцеларија да потпишат. Тие се прегрнаа, беше прекрасно да ги видам. Спасивме многу животи“, изјави Трамп.

Минатата недела, на предизборен митинг во Северна Каролина, Трамп, исто така, рече дека ја заслужува Нобеловата награда за мир затоа што успеа да запре „масовни убиства меѓу Србија и Косово“.