ТРАДИЦИЈА СО ПРИКАЗНА КОЈА ПОЧНАЛА ВО 1992 ГОДИНА И СЕ УШТЕ ТРАЕ: Скопски бадникари – некој од горе гледа се!

261

Одборот за традиционална прослава на Бадник и годинава по 27. пат ја организира прославата пред Соборниот храм во Скопје. Организаторите за весникот “Вечер” раскажаа како на неверојатен начин ја возобновиле оваа древна традиција која се уште трае и се пренесува на помладите генерации

Каде и да си, за Бадник дома да си! Ова е верувањето кое го практикуваат православните христијани на Бадник, ден пред најголемиот христијански празник Божик, кој секоја година се празнува на 7 јануари. Се пеат коледарски песни на децата за здравје, бериќет и плодна година кои ги симболизирааат гласот на ангелите за Христовото раѓање.

Веруваме дека сите знаете што е Бадник или Коледе, денот кога завршуваат б божикните пости и се најавува раѓањето на Исус Христос. Зборот Бадник веројатно доаѓа од старословенскиот јазик – да бидеш буден. Таа ноќ, како што запишал Шапкарев, сите домашни не заспиваат туку преноќеваат будни, та од тоа се гледа дека таа ноќ е наречена: бадник – будник“. И многумина други истражувачи на овие обичаи сметаат дека името на овој ден доаѓа од бдеењето и будноста покрај обредниот оган.

Обреди наследени од древните предци

Истражувачите сметаат дека во праисторијата овој ден бил празник поврзан со враќањето на сонцето од јужните напоредници, по зимската краткоденица. Раѓањето на новото сонце значело и раѓање или обнова на животот. Подоцна, Христијанската црква го презела овој празник и симболично го поврзала со Христовото раѓање. На прекорот дека Христијаните започнале да го празнуваат денот на сонцето исто како и паганите, Свети Августин одговорил: „Ние го празнуваме не како неверниците поради сонцето, туку поради оној што го создал сонцето”.

На овој празник му претходат обреди наследени од древните предци: како што е сечење бадник, неговото внесување и палење во домот. Во Скопје секоја година, а оваа по 27. пат, се одржува манифестација која ја организира Одбор за традиционална прослава на Бадник. Се одбираат кум и здравичар кои први ќе ги исечат првите бадникови гранчиња кои потоа се осветуваат и така осветени им се делат на верниците околу пладне на Бадник пред Соборниот храм. Велат дека кумот и здравичарот потоа ги следи среќа преку целата година.

Годинава Одборот направи избор на две личности кои што неизмерно го сакаат својот град и сакаат да биде подобар од што е. Станува збор за екологисти и посебни личности кои имаат свои професии, но имаат и свое хоби. Двајцата ги поврзува една приказна што ќе им ја раскажеме на нашите читатели за Бадник. Тие се врвот на две исконски македонски дисциплини: (со јазикот на спортот) – длаборезот и винарството. Професијата на кумот Љупче Николовски е снабдување на големо со градежни материјали, но тој и е вински витез кој ја шири вистината за македонското вино на меѓународни средби. Здравичарот, пак, Миливое Алексиевски или во Скопје познат како Миле Несторовски Сирма е изданок на една стара резбарска фамилија Нестор од Мирчевци од Осој. Тој е и тренер и инструктор по пливање и нема дете во Скопје што не го научил да плива.

Здравичарот Миле Сирма ги изработил штафетите на Тито

Тие двајца на 23 декември во месноста Краста на Водно ги пресекоа првите бадникови гранчиња. Разговорот го започнуваме со здравичарот Миле Сирма (кој прекарот Сирма го добил по името на мајка му), неодамна го женеше синот и му посакуваме многу внуци.

Кумот Љупче Николовски (лево) и здравичарот Миливое Алексиевски (десно)

– Долги години работам со мојот татко Нестор Алексиевски кој потекнува од западна Македонија, од Мијачијата. Тука се Мирче, Алексо, Косто, фамилијата на Петар Филип Гарката. Татко ми се доселил во Скопје, создал своја фамилија и отворил свое ателје. Со татко ми имаме доста изработени дела кои красат многу општествени установи, но сме изработувале резби и за во домашен амбиент. Со мојот покоен татко имаме изработено многу иконостаси, кабинети, мебел, разни украси, плакети. По ослободувањето ги изработувавме и првите штафети кои одеа кај Тито. Тоа беа главните штафети од републиките. Го изработивме и неговиот портрет со рам што изобилува со мотиви од богатството на македонската резба (флора, фауна, дабовиот и јаворовиот лист со симболот и карактеристиките) – вели здравичарот Алексиевски.

Освен резбар, тој повеќе од 60 години е и тренер по пливање. Вели дека со дружење и тренинзи со децата, створил врвни пливачи кои настапувале низ сите континенти.

– Чест ми е и што сум здравичар и благодарен истовремено што ми ја доверија оваа улога да можам и понатаму да творам нешто и да помагам во организацијата на нашето друштво. Желба ми е нашава професија да им ја пренесеме на помладите да ја продолжат традицијата, да има поколенија кои доследно ќе не наследат – ни рече овој држечки 85-годишник кој се уште работи со длето и чекан, а два-три пати неделно е со скопјанчиња и ги учи на пливачката вештина.

Кумот Љупче Николовски е винарски витез

Улогата кум на Бадник, со огромно задоволство ја прифати и младиот пензионер, истовремено бизнисмен Љупче Николовски кој вели дека полека фамилијарната фирма за градежни материјали им ја препушта на синовите.

– Јас сум роден скопјанец и до ден денес живеам во Карпош 1. Првото образование го стекнав во ОУ”Х.Т. Карпош“, за време на земјотресот учев во ОУ ”29 Ноември”, а средно завршив во “Комон Велковски”. Како и сите деца, во тоа време имавме многу занимации, спортови, “Партизан 3”, гимнастика, малку веслање на Вардар, “Моша Пијаде” кајакарскиот клуб. Во гимназијата “Орце Николов” се одржуваа многу спортови и јас им се приклучував. Спортот многу го сакам. Во сеќавање ми е една случка кога како студент понекогаш и работев. Разнесував млеко и една баба Менче ме сочека на врата кога беше коледе, ме изгушка и ми даде полна торба со јаболчиња, ореви, бомбони и книга ми даде. Тоа го паметам цел живот – раскажува Николовски.

Освен работа во семејната фирма, Николовски вели дека љубовта кон македонското вино не го остава намира. Ги знае сите тајни на винарството и се радува на успесите на винарите и на се поприсутните винарии кои ја шират возбудливата приказна за нашето виногорје, за климата и македонските јадења. Тој е промотор на нашите пијалаци од се поголемите винови насади.

– Мое хоби е виното. Од 2000 година моите пријатели од Словенија со кои се дружевме со години, а бевме и деловни партнери и пријатели, прв пат направив презентација на македонски вина. Тоа беше нешто ново што се правеше во Словенија. Тоа почнав да го пренесувам традиционално и кај нас сите овие години. Два до три пати годишно винариите што може да учествуваат на таа промоција, присуствуваат со свои вина и ги презентираа пред амбасадори, луѓе од локалните самоуправи, новинари, мои деловни партнери. Тие промоции беа многу посетувани. Втора работа што ја сакам е екологијата. Ме поттикна од моите деловни партнери од Словенија и секаде каде можам се вклучувам во сите манифестации што се поврзани со екологијата. На сите им посакувам што поскоро и поубаво не само за нашиот град, туку и за цела држава да ни биде почиста и поубава, тоа е нешто што во светот најчесто се пренесува и на тоа мора сите да работиме, почнувајќи од децата од забавиште за да направиме нешто. На сите Ви посакувам добро здравје и благосостојба во оваа година, да сме живи и здрави – рече кумот Николовски.

Драган Мијалковски доживотен бадничар

Кумството и здравичарството им донеле среќа на тие што во годините наназад ги прифатиле овие улоги. Еден од нив е нашиот познат пејач на забавна музика и композитор Драган Мијалковски кој бил здравичар пред три години. Ни рече дека Божјата рака го водела да ја направи композицијата “Коледе и Бадник”.

Поранешни здравичари: Влатко Плевнеш (втор од лево) и Драган Мијалковски (во средина)

– Кога ме избраа за здравичар, не навестив композиција, туку бев прашан од новинарите дали такво нешто може да очекуваат. Реков ако помогне Господ многу е веројатно да се случи. Добив многу интересна и издржана идеа која ја потткрепив со отворање на одредени теми на веб сајтот на МПЦ во врска со празникот Коледе, Бадник, Божик, од разни беседи, знаење на нашите врвни духовни отци. Ги потврдив моите скромни, до тогаш знаења во врска со настанот за христовото раѓање и деновите што претходат на тоа. Точно ги утврдив фактите, целата таа приказна, всушност, со мудреците кои ја следат ѕвездата која ги води накај Витлеем каде претходно е родена Богородица и преноќувалиштето. Таа приказна ја знаат сите од филмовите и е во една скромна просторија во која престојуваат кога има врнежи, грмежи, студ, заедно со добитокот, овците, заедно со своите овчари. Се покажа дека тоа е прекрасно место, чисто, убаво и топло, како и ангелите и нивната најава. Традицијата пред Божик, на денот пред Бадник дечињата го најавуваат заедно со ангелите Христовото раѓање. Тоа е една неверојатна поврзаност како слеана приказна, но преку стихови. Сметам дека тука ме водеше раката Божја бидејќи не е лесно човек да се фати за креирање на врвна од тој вид, задача што сам си ја дадов. Песната и снимката ги поставив на интернет и кој сака може да ја најде. Тоа ми е драг спомен, но дружењето што се појави претходно беше спонтано без некоја моја идеа во одреден момент ќе се сретнеме, ќе се најдеме во некоја заедничка мисија – вели Мијалковски.

По тој повод, тој добил посветена Библија, најубавото издание на МПЦ, директно од нашиот архиепископ г.г. Стефан.

– Во посветата во Библијата од г.г. Стефан, стои дека по негов благослов сум доживотен бадникар. Тоа е голема чест и за мене и за моето семејство. Иако влегувам во години, цело време сум во стабилна здравствена состојба. Тоа е добивката да се биде здравичар, бидејќи практично тој го праќа поздравот за здравје и бериќет до сите верници и до сите граѓани без разлика на нивната вероисповед. Во тешки услови денес, сметам дека се е во комбинација на здравје и опстанок, но и на проширена репродукција бидејќи се повеќе млади како стручњаци, како фирми се појавуваат со свои проекти, дури и на европски и светски план имаме такви претставници. Па видете, зрнце по зрнце, создава многу песок на една огромна плажа. Па така и ние. ќе се движиме – нагласи Мијалковски.

Плевнеш: Го докажуваме нашето православие

Откако беа здравичари, во изминативе две години благослов од Бога, велат, дека имаат семејството Плевнеш. Влатко Плевнеш ни рече дека пред 20 години со композиторот Димитар Масевски ја компонирале бадникарската химна.
– Некако спонтано, пред две години од Одборот ни кажаа дека имаат желба да бидеме здравичари. Тоа е огромна чест и задоволство. Здравичар е оној кој дава поддршка на самиот настан, верување во Господ, во Бадникот, едноставно го докажуваме нашето православие. Пред две децении со великанот Масевски ја направивме бадникарската химна која се пушта отсабајле на Бадник пред Соборниот храм и додека се подига бадникарското знаме јас и сопругата Силви ја изведувавме бадникарската химна. Претходно на овој настан се пуштале некои светски нумери – ни раскажува Плевнеш.

Со прифаќањето на улогата на здравичар, Влатко и Силви си дале задача и тие да компонираат бадникарска песна.

– Ние симболично го направивме целиот настан со убав гест. Силви направи нова композиција која ја изведувавме кога бевме здравичари. Композиција се вика “На Бадник бијат камбаните” каде многу симболично со камбани и со убава мелодија го споменуваме Исус Христос и обичаите што се врзуваат со овој датум – вели Плевнеш.

Со видлива возбуда тој ни кажа дека во изминативе две години откако бил здравичар, неговата фамилија добива благослов од Бога.

– Постојано ни се случуваат убави работи. Ќерката ни дипломира во Амстердам, а јас и Силви во кариерата имаме голем напредок, одржавме убави концерти и турнеи. Само со Господ напред и Божја сила, ние веруваме и почитуваме и навистина има големи резултати – вели Влатко Плевнеш.

Млади бадничари ја продолжуваат традицијата

Традицијата за прослава на Бадник пред Соборниот храм што ја негува овој Одбор, од година в година има се поголем број членови и истата станува помасовна. Александар Пановски е претседател на младите бадникари кој, вели дека пораснал со манифестациите за Бадник и ни раскажа како неговиот татко во далечната 1992 година ја добил идејата за возобновувањето на целата оваа идеја за прослава за Бадник.

– Мојот татко Александар Пановски Мац беше основачот на возобновувањето на прослава за Бадник. Таа далечна 1992 година сосема случајно бевме во посета на пазарчето Буњаковец каде што почна целата приказна благодарение на една бабичка која одеше пред нас. Таа не можеше да си купи бадниче од препродавачите на пазарот и тогаш татко ми извади пари и го купи целиот бадник кој потоа го поделивме на граѓаните кои тогаш беа дојдени на пазарот да си испазарат. Во тој момент кога почнавме да го делиме бадникот многу од луѓето не сфаќаа што се случува, бидејќи до тој момент во нашава држава никој ништо не дал бесплатно или џабе. Почнаа да бегаат од нас мислејќи дека сме препродавачи. Кога ќе им кажевме дека тоа е бесплатно и оти денот е од Бога даден, луѓето почнаа да се чудат и да доаѓаат новинари. Вашиот колега Драган Антоновски беше зачуден и помисли дека сме можеби некоја секта, а ние им рековме дека сме само група на граѓани што сакаат дента да го прослават празникот. Сметавме дека на пазар не е во ред да се продаваат тие гранчиња. Идејата е дека никој тоа не го садел, ниту пак, го одгледувал, а ги оштетуваат дрвјата на Водно и сакаат да ќарат од тоа – раскажува Пановски.

Тој вели дека покрај татко му е сведок на сите прослави за Бадник во изминативе години. Од постарите бадникари досега имал можност многу да научи, а главни носители на манифестацијата од страна на младата генерација бадникари, се и неговите два сина Мартин и Дарко.

Сечење гранчиња бадник во месноста Краста на Водно

– Лесно е да направите каква било прослава, но да се одржи традицијата е многу тешко. Многу проблеми сме имале набрзо да најдеме спонзори и луѓе што ќе не поддржуваат пред црква. Од естрадата не избегаваа на почетокот, но кога сфатија за каква сериозна организација се работи, ни се приклучуваа. Сега сме голема организација која функционира беспрекорно. Во моментов сме околу 30-ина членови – вели Пановски.

Дедо со бела брада продава бастуни пред Соборен храм

Во изминативе речиси три децении Пановски вели дека се случиле многу интересни случки кои реши да ги сподели со читателите на “Вечер”.

– Се сеќавам, татко ми раскажуваше дека првата година кога го правеле бадниковиот ручек кај Камин чамо, имало некој уличен свирач кој се врткал по улиците околу општина Центар. Го повикале да им свири во кафаната. Го прашале: Постои ли ден во годината во кој што свирите беспари. Тој им одговорил дека таков ден не постои. Му рекле: Е денеска е тој ден, ако свириш цела година ќе имаш среќа. По една година од случката, истиот тој свирач случајно се сретна со татко ми, трча по него, го фаќа за рака и му вели: Мац, морам да ти се заблагодарам и да ти кажам дека оттогаш глава не можам да дигнам од работа, многу ме викаат по свадби, ептен ми тргна работава – раскажува Пановски.

Тој спомена дека на покојниот Славе Георгиевски од “Технометал Вардар”, кој долги години немал внучиња од синот, годината кога станал бадникар му се родија четворки. Ни раскажа и за една неверојатна случка која нему лично му се случила пред Соборниот храм и за која нема објаснување, освен дека станува збор за, како што вели “нешто што од горе не гледа”.

– Имаше една бабичка која стоеше во редот и чекаше да си добие гранче или нафора од нас бадникарите. И кога и го дадов гранчето, ни се изгуби од видот. По петнаесетина минути, дојде бабичката и плаче. Ми вика: Синко, си го изгубив бастунот и не можам да си одам дома. Ја прескокнав оградата и и реков: Ајде мајче заедно да го побараме, сигурно е тука некаде, нема кој да го земе. Го побаравме бастунот и не можевме да го најдеме. Јас бев толку упорен за да го најдам. И прв пат видов во центарот на Скопје пред Соборниот храм, човек кој на грбот носеше бастуни и ги продаваше. Како сега паметам, имаше бела брада, со плави очи. Го прашав, господине дали може да купам еден бастун, мислам дека ми рече дека кошташе 100 денари. Му го платив и се свртев кон бабичката за да ја викнам да не се секира дека го најдовме бастунот. Кога се завртев да го побарам човекот со бастумите, него го немаше. Ги прашував луѓето околу мене дали го виделе, но никој не го видел, а бастумот ми беше во рацете. Тогаш се уверив дека има нешто и некој од горе гледа се што ни се случува – ни раскажа Пановски.

Небо и земја – нова божикна честитка

Прослава за Бадник пред Божик ќе има на 6 јануари и на платото пред црквата Свети Димитриј, каде што од 11 часот, над 5.000 деца во придружба на своите родители и роднини, ќе дојдат на божикен концерт и божикна претстава.

На големата божикна манифестација ќе дојдат и Елена Ристеска, Влатко Лозаноски, Викторија Лоба, Некст тајм, Димитар Андоновски, Љубојна, Златно Славејче, Дејан Лилиќ, Снежана Конеска – Руси и Тинтири минтири шоу, каде сите заедно ќе ги пеат Божикните песни, придружени и со Божикна претстава, а ќе има и божикни пакетчиња, бадникови колачиња и бадникови чајчиња

На 4 јануари беше промовиран спотот за Божикната песна “Небо и земја”. Станува збор всушност за божикна честитка со Елена Ристеска, Влатко Лозаноски, Викторија Лоба, Димитар Андоновски, Љубојна, Некст тајм и Златните славејчиња.

Светлана БЛАЖЕВСКА