EPA-EFE/SRDJAN SUKI

Директорот на тимот на Мерцедес, Тото Волф, по трката во Саудиска Арабија, изјави дека не е загрижен за доминацијата на Ред бул во претходните две сезони во Формула 1.

Возачот на Ред бул, Мексиканецот Серхио Перез, победи на трката за Големата награда на Саудиска Арабија, на патеката во Џеда, а веднаш зад него беше неговиот тимски колега и актуелен светски шампион – Холанѓанецот Макс Верстапен, додека Фернандо Алонсо од Астон Мартин ја мина целта на третото место.

  • Имавме години во кои бевме подеднакво силни, но тоа е меритократија. Она што го прави овој спорт толку посебен е тоа што треба напорно да работиш за да победиш, а тоа го заслужуваш, тоа е факт – истакна Волф.

Тој додаде дека дури и ако не е одлично за шоуто тоа што исти момци продолжуваат да победуваат, „тоа е затоа што тие направиле добра работа, а ние не“.

  • Сите се надеваме дека ќе си поминеме добро и наша должност е да ги стигнеме и да се бориме со овие момци. Ќе направиме сè што е во наша моќ да го возвратиме ударот. Забавата го следи спортот и оваа доминација на Ред бул, можеби, не е добра од комерцијална гледна точка, но тоа е она што ја прави Формула 1 посебна – изјави Волф, а пренесува „Скај спортс“.