EPA-EFE/SRDJAN SUKI

Само што стартуваше новата сезона во Формула 1 со трката за Големата награда на Бахреин, екипата на Мерцедес ниту оваа сезона не покажува знаци дека ќе се бори за титулата. Поради тоа, првиот човек на тимот, Тото Волф, најави коренити промени во своите редови.

Првата трка сезонава заврши со доминантна двојна победа на Ред Бул, бидејќи без проблеми славеа Макс Верстапен и Серхио Перез. Третото место му припадна на Фернандо Алонсо од Астон Мартин, а зад него беше Карлос Саинц од Ферари. Двата пилота на Мерцедес, Луис Хамилтон и Џорџ Расел, го зазедоа петтото, односно седмото место. Ова предизвика реакција од Тото Волф.

  • Со оглед на разликата што се создаде во првенството, секако дека размислуваме за коренити промени, но тоа се промени за кои треба време да станат решение, пред сè во аеротунелот и тоа не може да се случи преку ноќ. Сè уште бараме каде можеме да го подобриме болидот, бараме потенцијал за развој и само по неколку трки промените ќе бидат видливи, најави Тото Волф, па додаде:
  • Сè на сè, имаме многу работа бидејќи е јасно дека треба да ги поправиме работите што не се во ред, а разликата во перформансите е голема и изгледа дека ќе продолжи да се зголемува. Нашето темпо не е воопшто добро и работиме напорно за да сфатиме што можеме да направиме за да поправиме во блиска иднина, а потоа долгорочно да продолжиме да се подобруваме, истакна првиот човек на Мерцедес.

Втората трка оваа сезона ќе се вози следниот викенд кога на програмата е Големата награда на Саудиска Арабија.