Топ три настани што ќе се паметат во македонската историја

191

Уставните измени кои беа изгласани во македонското Собрание на почетокот на годинава со кои Република Македонија стана Република Северна Македонија, ја најавија турбулентната 2019 година. Во екот на летните одмори, дополнителна жештина внесе и аферата „Рекет“, која го донесе почетокот на крајот на историското СЈО кое требаше да биде синоним за владеењето на правото. И онака силното разочарување со падот на СЈО, стана уште поголемо откако пропуштивме уште една шанса за отпочнување на преговори за членство во Европската Унија. Чекајќи го формирањето на техничката влада, во пресрет на изборите закажани за напролет, Македонија ситно брои до Ратификацијата на протоколот за членство во НАТО.

Република Северна Македонија

Само што почна 2019, Република Македонија стана Република Северна Македонија. Со 81 глас „за“, на 11 јануари пратениците ги усвоија четирите амандмани предложени од Владата кои беа предвидени во Договорот со Грција, а со кои името на државата се менува во „Република Северна Македонија“. Одлуката со која амандманите 33, 34, 35 и 36 станаа дел од Уставот го доби истиот број на гласови. На крајот со двотретинско мнозинство беше усвоен и Уставниот закон со кој се регулира и државјанството како „македонско / граѓанин на Република Северна Македонија“. Првите честитки пристигнаа од САД, НАТО и ЕУ, како и грчкиот премиер Алексис Ципрас.

Опозициската ВМРО – ДПМНЕ не ги поддржа измените на Уставот, и обвини за уцени и притисоци врз нивните пратеници за да се обезбеди мнозинство при гласањето.

До крајот на јануари 2019, Преспанскиот договор го ратификуваше и грчкиот парламент. За ратфикацијата гласаа 153 од 300 пратеници.  За Преспанскиот договор во Грчкиот парламент се дебатираше два дена. За грчката опозиција Договорот е национален пораз, додека пак за премиерот Ципрас преставува историски исчекор за цела Европа.

Еден месец по уставните измени во македонското Собрание, во февруари, Преспанскиот договор и официјално стапи на сила и почна остварувањето на неговите одредби, со што и Македонија го смени своето име во Северна Македонија. Владата го промени нејзиното име во Влада на Република Северна Македонија.

Една од првите работи што беше направена е поставувањето на таблата со името „Република Северна Македонија“ на граничниот премин „Богородица“.

По ратификацијата на Договорот од Преспа во Грција, грчкиот парламент го  ратификуваше и протоколот за членство на Македонија во НАТО. Според Договорот од Преспа Грција беше првата земја која го ратификуваше Протокол за членство.

Афера „Рекет“

Со апсење на Бојан Јовановски , познат како Боки 13 во средината на јули започна расплетот на најголемата корупциска афера „Рекет„. Заедно со Јовановски, уапсен беше и бизнисменот Зоран Милевски – Кичеец. Две недели подоцна италијанскиот весник „Ла верита“ објави снимки  од моментот кога Бојан Јовановски и Зоран Милески Кичеец со полна торба пари излегуваат од домот на бизнисменот Орце Камчев.

Притоа беше пуштен и дел од разговорот меѓу Орце Камчев и Бoки 13, на кое Боки му објаснува на Камчев, обвинет во случајот на СЈО,„Империја„ дека ќе биде ослободен. Неколку денови  подоцна беа објавени нови снимки,  во кои како што тврдеа  дел од медиумите се слуша и гласот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.

Јавното обвинителството отвори истрага против Јовановски и Милевски, како првоосомничен и второосомничен за изнудување пари. Двајцата се осомничени дека зеле 1,5 милиони евра со ветување дека преку специјален обвинител, врз кој имале влијание, ќе ја олеснат положбата на лице кое е под истрага. Двајцата се осомничени за кривичното дело примање награда за противзаконито влијание, а Боки 13 е осомничен и за кривичното дело перење пари.

На 21 август, откако претходниот ден даде исказ за случајот„Рекет„, од нејзиниот дом во Козле  беше уапсена специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.

Јанева, според информациите што ги презентираше обвинителство, заедно со другите двајца осомничени во случајот „Рекет“ прибавила „значителна материјална корист“, и примила „предмети и мебел во износ од 298 илјади денари“.

Аферата „Рекет„ продолжи со отворањето на истрагата за невладината „Меѓународен Сојуз„ чиј претседател беше првоосомничениот Јовановски.

Истрагата покажа дека членови на Меѓународниот сојуз биле директно вклучени во делот на измамите со наводна изградба на старечки домови од страна на Меѓународниот сојуз на Боки 13. Измамени се бизнисмените Силјан Мицевски и Ардијан Амзоски, кои според информациите кои ги објавија медиумите му платиле 719.905 евра и 233.821 евра на Боки 13. И во истрагата за Меѓународниот сојуз првоосомничен е Бојан Јовановски, а покрај него осомничени се и неговиот татко Миле Јовановски и асистентката Христина Блажевска. Осомничена е пратеничката од СДСМ Фросина Ременски, како и заменик-претседателката на Меѓународниот сојуз, Јасна Мандиќ. Обвинителката Вилма Рускоска најави дека за овој случај обвинение очекува кон средината на јануари.

Политичкото фијаско што го донесе специјалната обвинителка која требаше да биде олицетворение на правдата во Македонија, го забрза потопот на СЈО чиј мандат според политичкиот договор требаше да заврши на 15 септември.

Без консензус остана и долгонајавуваниот закон за јавно обвинителство, кој требаше да ја реши судбината на сите предмети кои ги отвори СЈО.

Републичките обвинители неколку дена потоа донесоа одлука редовното обвинителство да ги преземе сите предистраги, истраги и обвиненија што ги покренало и што ги застапува во моментов Специјалното обвинителство. Заземен бил став јавниот обвинител Љубомир Јовески да ги преземе во надлежност и натамошно постапување предметите кои ќе му бидат предадени од Специјалното обвинителство.

Сите истражни постапки што редовното јавно обвинителство ги презеде од Специјалното јавно обвинителство, конечно, се распределени по надлежни јавни обвинителства. Станува збор за 19 постапки, меѓу кои има и такви во кои осомничени се лица од актуелната владејачка гарнитура. Меѓу 19. истраги се и предметите „Империја“ и „Поштенска банка“, кои според дел од осомничените биле користени за уцена против нив, од што произлезе и случајот „Рекет“.

НЕ од ЕУ

Датум за почеток на преговорите со Европската Унија во последнава деценија беше главно ветување на сите политички гарнитури. Решавањето на спорот со Грција и промената на уставното име беа водилки кон остварувањето на повеќедеценискиот сон- членство во ЕУ. Надминувањето на овие препреки и историското постигнување со соседна Грција дополнително внесуваше оптимизам кај власта, со обиди за реформи во клучните области секојдневно се лобираше и се чекаше октомври, кој требаше да го донесе зеленото светло за Македонија. Расплетувањето на најголемата корупциска афера постепено почна да го намалува оптимизмот за долгоочекуваниот датум. Новите снимки, падот на Чарлиевите ангели од СЈО, недонесениот закон за јавно обвинителство, закочените реформи донесоа уште еден извештај од Европската комисија без датум за почеток на преговори за членство. По последното разочарување од Брисел се шпекулираше дека премиерот Зоран Заев размислува да поднесе оставка која не се случи, а новонастанатата криза донесе договор за предвремени парламентарни избори, а 12 април е датумот за гласање, договорен на лидерска средба со консензус од најголемите партии.

Францускиот претседател Емануел Макрон во октомври на европскиот Самит во Брисел го блокираше почетокот на преговорите на Европската Унија со Македонија и со Албанија. Неколку недели подоцна, Макрон излезе со помек став во однос на ова прашање, но под силен услов следните месеци двете земји да ги завршат клучните реформи, а во меѓувреме да се реформира преговарачката методологија.

-Доколку направиме реформи во следните неколку месеци, подготвен сум да се отворат преговори. Доколку и тие направат дополнителни напори кои им преостануваат. Но потоа не сакам никој повеќе да влегува во членство додека не ја реформираме ЕУ. Мислам дека тоа е предуслов, неопходен и искрен, потенцираше Макрон во интервју за Економист.

Макрон тогаш потврди дека зелено светло за почеток на преговори на Самитот во Брисел имало само за Македонија. Францускиот претседател рече дека други земји членки, речиси половина од членките, се криеле зад француското вето, а всушност биле против отпочнување преговори со Албанија. Одвојувањето на двете земји, според Макрон, ќе било голема грешка.

По одлуката на францускиот претседател да ги блокира преговорите, дел од европските експерти се согласија дека ветото од Макрон е дел од битката за моќ во Европската Унија по Брегзит и неговата желба да се позиционира како лидер во Унијата, на место германската канцеларка Ангела Меркел, која според дипломатски извори била најголем поборник за проширувањето и во неколку наврати се обиде да го убеди Макрон да го дозволи тој процес.

Поддршката од Берлин што ја демонстрираше германската канцеларка Ангела Меркел пред неславниот Самит за Македонија е дополнителен показател дека земјава може да се надева на поуспешна 2020 година во однос на евроинтеграциите, откако во годината во заминување не беше крунисана со очекуваните резултати, особено по историските договори што претходно ги постигнавме со соседните Грција и Бугарија. (Ј.Ц.Г.)