ТОНИ АНЕВ, училиштен психолог: Ученици, дружете се онлајн и бидете си поддршка!

322
Тони Анев, психолог

Со посетувањето настава, учениците освен што стекнуваат нови знаења и вештини, задоволуваат и бројни други психички потреби.

Сега околностите се променети, учениците не одат на училиште, но потребите постојат, тие се секојдневни. Потребите не ја познаваат и не ги интересира реалноста, само бараат нивно задоволување.

Доколку немаме развиено свесност и не обрнеме внимание на нашите потреби и подолго време останат незадоволени, предизвикуваат анксиозност, состојба на дифузен немир, општа вознемиреност. Анксиозноста, пак, е предворје на сите човекови проблеми и ако потрае, можен е широк спектар на негативни исходи, невротски реакции, психосоматски реакции, социјални дисфункции…

Значи, важно е да ги познаваме и почитуваме нашите потреби. Ако не мислиме на нив, не значи дека не постојат!  Кога веќе ги знаеме, со оглед на ограничените услови, правиме преглед на можни и достапни решенија, се определуваме и преземаме акција. Задоволувањето на потребите обезбедува пријатни чувства, задоволство. Секој од нас има секојдневна потреба во текот на денот да доживее одредено задоволство. Затоа, секој ден направете нешто убаво за себе, нешто убаво за другите!

Кои се тие потреби?

Постојат голем број потреби и многу обиди тие да се систематизираат и претстават во некаков ред. Најуспешен во тоа бил психологот Маслов кој сметал дека потребите се хиерархиски распоредени.

На дното на хиерархијата се наоѓаат биолошките потреби, како потребата за храна, вода, сон…. Во услови кога тие се задоволени, следна во хиерархијата е потребата за сигурност, односно потреба да се создаде и задржи состојба која ќе овозможи непречено функционирање и задоволување на биолошките потреби.

Во услови на пандемија, разбирливо дека ни е загрозена сигурноста. Освен приоритетната грижа за сопственото здравје и здравјето на блиските и на сите луѓе околу нас, кај учениците сигурноста ја загрозува и неизвесноста околу завршувањето на наставната година, дали ќе се прилагодат на новите начини, како тоа ќе се одрази на нивниот успех… Секојдневно слушаме за економските последици од пандемијата, за загрозеноста на работните места и сл., што секако го актуелизира и загрозува чувството на сигурност.

Има начин, има решение само треба да останеме умни, дисциплинирани и одговорни, а ние во суштина сме такви. Почитувајте ги препораките што ги упатуваат надлежните и сè ќе биде добро!

Ученици, училиштето, класните раководители и предметните наставници ќе продолжат да ви даваат јасни упатства за натамошна работа и прилагодено на условите ќе ги реализирате предвидените содржини и активности.

Потреба за друштво, припаѓање, љубов 

Секој има потреба да припаѓа на одредена група, да поминува време во група и во групни активности и да биде прифатен и одобрен од групата. Секој има секојдневна потреба од емоционална поврзаност, од љубов, да праша и да биде прашан како е, да мисли на некого и некој да мисли на него.

Во услови на изолација, телефоните и компјутерите станаа протективен фактор, преку нив и децата и возрасните ја задоволуваат потребата за комуникација, друштво. Затоа, ученици комуницирајте онлајн, одржувајте позитивна комуникација, бидете си едни на други група за поддршка. Родители, овозможете им го тоа!

Потреба за почит, уважување

Секој од нас има силна потреба секој ден да добие признание за своите постапки и извршени задачи. Сликата за себе и чувството “јас вредам”, во најголема мера зависат од степенот на задоволеност на оваа потреба.

Затоа, секојдневно меѓусебно да изразуваме и разменуваме разбирање, почит и признание за  постигнатото и сработеното.

Ученици, поставувајте си цели кои можете да ги постигнете. Многу е важно секој ден сами на себе да си кажете “YES!”.

Поставете си дневни цели, неделни цели, месечни, двомесечни…. Започнете активност која ќе трае и бара повеќе време, да има продолжение. Пример, започнете да учите нов странски јазик, музички инструмент, сликање или почнете со телесни вежби за кои имате можност да ги практикувате, ќе се радувате како ќе напредувате.  Пронајдете активност која со задоволство ја извршувате и практикувајте ја секојдневно. Така ќе се доближите и до последната потреба во хиерархијата, потребата за самореализација, односно да го реализираме она што во себе го носиме како потенцијал, дарба… Кога дува ветер, не кревајте ѕидови, направете ветерница!

Секој ден е наш ден и во секој ден пронајдете, но и предизвикајте и создадете радост и убавина!

(авторот е психолог во СУГС „Раде Јовчевски Корчагин„)