Посветен на професионалните театарски продукции за деца и млади, нововостановениот фестивал, што е во организација на Театарот за деца и младинци – Скопје, ќе има натпреварувачки карактер. „Игор Маџиров беше срцето и душата на Театарот за деца. Овој фестивал е гаранција дека неговото име ќе остане вечно и ќе го паметат и многу други генерации, кои не биле негови современици“, рече претседателот на Советот на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“ Драган Довлев

Првото издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“, кој го носи името на познатиот македонски актер и чија цел е промоција и афирмација на детската театарска продукција, ќе се одржи од 30 септември до 4 октомври во Скопје. Посветен на професионалните театарски продукции за деца и млади, фестивалот, што е во организација на Театарот за деца и младинци – Скопје, ќе има натпреварувачки карактер и ќе се доделуваат наградите: Гран-при награда за најдобра претстава во целина, како и наградите за најдобра режија, за најдобра машка и женска улога, за најдобра сценографија, за најдобра костимографија и за драматизација.

„Иницијативата за формирање на ваков фестивал датира одамна, а низ годините таа не успеала да се реализира од многу причини. Инаку овој театар бил домаќин во 1996 година на Балканскиот куклен фестивал којшто се одржувал во повеќе центри на Балканот, а таа година се случувал во Скопје. Значи, не ни е првпат да се јавуваме како организатори на фестивал, но после долги години за првпат правиме интернационален детски фестивал, а не само куклен, а со помош на Министерството за култура“, рече на денешната прес-конференција Катарина Илиевска-Силјановска, директорка на Театарот за деца и младинци.

Таа, воедно, истакна дека на фестивалот пристигнале 17 апликации, односно претстави од повеќе земји, но за првото издание селектирани се 9 продукции од кои три се од Македонија, а останатите од Хрватска, Србија, Црна Гора, Италија и Грција.

„Овој фестивал е од огромно значење за сите колеги од Театарот за деца и младинци за да видиме ние како театарска куќа, во однос на другите детски театри од различни земји, до каде сме, дали сме назад, паралелно со нив или сме понапред во некои чекори“, додаде Илиевска-Силјановска.

ИФДТ „Игор Маџиров“ ќе го отвори македонската претстава „Том Соер“ во изведба на Театарот за деца и младинци (30 септември, во 19 часот), а на 1 октомври ќе бидат изведени претставите „Авантурите на Баронот Минхаузен“ на „Жар птица“ театарот од Загреб (11 часот, во ТДМ), како и „Тивкото момче“ на детскиот театар од Крагуевац (19 часот, во ТДМ).

На 2 октомври, пак, детската публика ќе може да ги погледне „Мачката папучарка“ од Градскиот театар на Подгорица (11 часот, во ТДМ), потоа „Вечерва не сум сама“ на и во Албанскиот театар за деца и младинци од Скопје (17 часот), како и ,„Авантурите на малиот Јују“, на градскиот куклен театар од Риека (19 часот, во ТДМ). На 3 октомври следуваат „Јованче и Марика“ на театарот „Битолино“ од Битола (11 часот, во ТДМ), „До границата“, на театарската компанија „Петра“ од Италија (17 часот, во Театар комедија) и „Жирафа“ на театарот „Хоп Сињор“ од Атина (19 часот, во ТДМ).

Покрај претставите на фестивалот ќе се одржи и Работилница за кукларство под менторство на познатиот чешки куклен режисер Јакуб Максимов, која ќе биде наменета особено за студентите на драмска уметност (на 1, 2 и 3 октомври, од 12:30 часот, во ТДМ). Тој во ноември ќе режира и претставата во ТДМ. Воедно, на фестивалот ќе се одржи и панел-дискусија за важноста на детските фестивали во светот преку искуствата на српскиот национален центар на меѓународната асоцијација на детски театри „АСИТЕЖ“ (4 октомври, 11 часот, ТДМ).

Инаку, името на фестивалот било едногласно избрано од организациониот тим, а зошто се вика Игор Маџиров објасни претседателот на Советот, Драган Довлев. „Па не знам како поинаку би го крстиле овој фестивал? Среќен сум што ми се остварија две желби, едната да организираме фестивал, а другата тој да се вика Игор Маџиров. Игор Маџиров беше многу важен човек, и сè уште е важна личност во нашите животи и за овој театар. Тој беше срцето и душата на Театарот за деца, беше човек за којшто не се штедат добри зборови, за кој сè уште сè најдобро зборуваме. Едноставно беше таков, човек којшто може да најде заедничка тема за разговор и со старец и со дете, и сите подеднакво го сакаа. За децата и да не зборувам, тие генерации кои растеа во 90-тите години на минатиот век многу добро сè уште се сеќаваат на црвенокосото момче. Беше синоним за детски театар, беше синоним за детски телевизиски серии кога беше сниман тој серијал на светски бајки, во кои Игор играше во најмалку од половината и најчесто во главните улоги. Беше препознатлив по тоа, беше главниот лик на сите бајки. Тие генерации кои тогаш растеа сега се возрасни луѓе, имаат свои деца, ги носат во нашиот Театар и тие сè уште се сеќаваат многу свежо на Игор. Овој фестивал е гаранција дека неговото име ќе остане вечно и ќе го паметат и многу други генерации, кои не биле негови современици“, рече Довлев, истакнувајќи дека на МТВ повторно се репризираат и неговите серии и претстави па така сè уште е присутен во етерот.

Довлев воедно истакна дека на свеченото отворање на првото издание на фестивалот на Игор Маџиров постхумно ќе му се додели признание за трајни вредности, бидејќи, како што посочи, тој остави трајни вредности во овој театар. Признанието, односно првата статуетка на фестивалот ќе ја прими член од неговото семејство.

Инаку, поетот Никола Маџиров, роднина на Игор е автор на слоганот на фестивалот кој гласи: „Види нови светови и остани дете“, дизајнот на логото е на Јана Андева, селектор на претставите е актерот Владимир Лазовски, а извршен продуцент Миодраг Костиќ. За наградите ќе одлучува тричлено жири во состав: Диана Крзаниќ Тепавац, актерка и претседател на „АСИТЕЖ“ Србија, актерот Благој Чоревски и режисерката Драгана Милошевски-Попов.

Актерката Изабела Новотни, пак, со емоции истакна дека е среќна што првиот чекор е направен, да се почне фестивал со неговото име. „Со овој фестивал сакам да им порачам на сите родители и деца да доаѓаат во нашиот театар што почесто, во ова време или невреме на технологија кога децата се повеќе се пред компјутерите и пред мобилните телефони. За нивното образование, за нивното правилно растење мислам дека овој театар ги дава сите можности. Ова е начин како треба да се однесуваме спрема децата, но и спрема родителите. Мојот апел е дојдете на нашиот фестивал, бидете наши гости во Театарот за деца и младинци, во овој наши и ваш прекрасен дом“, додаде Новотни, која е член на Советот на фестивалот.

Билетите за фестивалските претстави се по цена од 200 денари и може да се набават на билетарницата на Театарот за деца и младинци или онлајн на www.puppet.com.mk. (Н.И.Т.)