Поранешниот претседател на Комисијата за лустрација, Томе Аџиев, смета дека законскиот предлог на СДСМ за поништување на лустрацијата и за обештетување на лустрираните е противуставен затоа што одлуките правосилно ги носеле судовите.

Аџиев во емисијата 24 Отворено на 24 Вести тврди дека со тоа ќе се направи правен преседан и ќе се наруши целиот правен систем. Како што вели тој, одлуките биле потврдени со две правосилни пресуди од редовни судови.

– Ова е правен преседан. Лустрацијата беше прекината во 2017 година. Сите предмети поминаа два редовни судови. Сите одлуки се потврдени со 2 правосилни пресуди од редовни судии. Наеднаш доаѓа нов закон со кој се поништува друг закон односно да се поништат одлуките на судот. Ако законот биде донесен нема да биде Уставен, подвлече Аџиев во дебатата.

За случајот со поранешниот директор на Фондацијата „Отворено општество“ Владимир Милчин, кој е осуден во процесот на лустрација и посочен како соработник на службата за државна безбедност, тврди дека бил под редовната процедура на регрутирање на соработниците.

– Сите управни спорови се водат врз основа на документи, ниту комисијата за лустрација немаше право на збор. Милчин беше следен од службите на државна безбедност како припадник на граѓанската десница, а потоа бил врбуван. Така бил користен да прибира информации и не е точно дека бил жртва на два режима, наведе Аџиев.

Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ не го поддржува предлогот и тврди дека лустрацијата била „најмека“ во однос на другите земји и дека не треба да се обештетуваат кодоши. Во моментов и помалиот коалиционен партнер од владеачкото мнозиснтво ДУИ испраќа сигнали дека законот треба да се разгледа по изборите. СДСМ останува на ставот дека поранешната власт ја злоупотребила Комисијата за лустрација за одмазда и реваншизам кон неистомислениците, а не заради укинување на привилегиите на оние кои соработувале со тајните служни заради напредување во кариерата.