Толку од сапуницата со Неимар

156

Едно е сигурно, ова лето нема да бидеме сведоци на нова сапуница помеѓу бразилскиот интернационалец Неимар и каталонскиот гигант Барселона. Најскапиот играч во фудбалската историја стави крај на сите дилеми кога е во прашање неговата клупска иднина. Бразилскиот напаѓач го продолжи договорот со актуелниот шампион на Франција, тимот на ПСЖ до 2025 година, ставајќи со тоа крај на шпекулациите за негово евентуално враќање на „Ноу Камп“.

Неимар се пресели на „Паркот на принцовите“од редовите на Барселона во 2017 година за рекорден трансфер од 222 милиони евра. Според француските медиуми, Неимар со новиот договор ќе заработува 30 милиони евра по сезона.

  • Многу сум среќен што ќе останам тука уште четири години и ќе бидам дел од клупскиот проект, во обидот да освојувам титули и да го оствариме нашиот најголем сон со освојување на титулата во Лигата на шампиони, изјави Неимар.
  • Горд сум што сум дел од историјата на ПСЖ. Мислам дека тука напредував и како личност, и како фудбалер. Се надевам дека ќе му донесам уште многу трофеи на мојот клуб. Се движиме на вистинскиот пат и се поблиску сме до освојување на Лигата на шампиони. Уверен сум дека можеме да го постигнеме тоа, додаде бразилскиот напаѓач на ПСЖ.